По над триесетчасовна потрага, полициски службеници од ОВР Гостивар го приведоа Б.И. (67). кој е осомничен за убиство на неговата сопруга. Тој попладнево околу 16 часот бил фатен во близина на локален пат помеѓу гостиварските села Страјане и Трново. Со неговото фаќање ставен е крај на неизвесноста околу драматичниот настан кој започна вчера од раните утрински часови.
По лишувањето од слобода, Б.И. ќе биде задржан во полициска станица Гостивар. По неговото сослушување, најверојатно утре, тој ќе биде предаден на судија на претходна постапка со соодветен поднесок, односно кривична пријава за убиство.
Гостиварецот, непосредно по откривањето на телото на неговата сопруга, исчезнал и според пријавата бил единствен осомничен за убиството и против него беше покрената потрага.
Настанот ја вознемири гостиварската јавност, најмногу поради жестокоста и начинот на кој е извршено убиството. Според Основното јавно обвинителство, шеесетгодишната Џ.И. била најдена мртва со соба од семејната куќа со повеќе рани нанесени со секира и нож. Според првичните информации, до трагедијата дошло по настаната расправија која била поради нарушени меѓусебни односи.