Фото: Нова Македонија/Архива/илустрација

Околу два тони небезбедна храна од различен вид биле запленети при вонредна инспекциска контрола на зелениот пазар во скопската населба Ченто, спроведена денеска од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Комуналната инспекција на Град Скопје и Државниот пазарен инспекторат.

Од АХВ информираат дека контролата била насочена кон проверка на условите за продажба на храната, како и почитувањето на законските прописи за нејзино безбедно складирање и ставање во промет.

При инспекцискиот надзор било утврдено дека храната се продавала надвор од местата предвидени за таа намена, во несоодветни и нехигиенски услови. Таквиот начин на продажба го зголемува ризикот по безбедноста на храната и здравјето на потрошувачите.

Целокупната запленета храна е отстранета од промет, а надлежните инспекциски служби најавуваат продолжување на мерките во рамки на своите законски овластувања.

Од Агенцијата најавија дека и во наредниот период ќе спроведуваат засилени инспекциски контроли, самостојно и во соработка со другите надлежни институции, со цел заштита на здравјето на граѓаните и обезбедување безбедна храна на пазарот.

Истовремено, АХВ упати апел до сите оператори со храна доследно да ги почитуваат законските обврски и да обезбедат соодветни хигиенски услови при ракувањето, складирањето и продажбата на прехранбените производи.