Јавното обвинителство не предлага повторно изведување на докази бидејќи смета дека сите битни факти се целосно утврдени и оти фактичката состојба е целосно јасна, како што истакна обвинителот Љубомир Лапе на преотворената постапка на судењето за предметот „Тортура”, во врска со приведувањето на Љубе Бошкоски на 4 јуни 2011 година.
– Сметам дека обвинетите се поединечно наведени и дека сите употребиле прекумерна физичка сила. Сметам дека интензитет на дејствијата е емпириски немерлива категорија, туку се гледа дали оставиле трага или нанеле страдање врз жртвата. Вештачењето на институтот за судска медицина и вешти лица од областа на психијатријата, поткрепени со искази на затворскиот доктор и психијатар, како и исказот на Бошкоски се повеќе од доволни дека ваквиот начин на апсење со малтретирање, застрашување и понижување пред камера, кај оштетениот предизвикале душевно страдање од висок степен, еднакво на смрт на близок член на семејство. Делото секако е сторено. Прашањето е само за одредување на видот и висината на казната – изјави Лапе.
Случајот за апсењето на Љубе Бошкоски е вратен во фаза на дополнение на доказна постапка, откако судијката Александра Ристовска на 17 јуни не ја објави најавената пресудата, со образложение дека на судот не му било јасно кои дејствија ги презеле обвинетите и закажа ново рочиште. Првообвинет во овој случај е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и шест припадници на единицата „Алфи”.