Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) донесе одлука за значително намалување на референтните цени на две клучни дијагностички услуги во рамки на програмата за рано откривање на рак на грлото на матката – ХПВ-генотипизацијата и ликвид ПАП-цитологијата. Мерката веќе е во сила и има цел да го зголеми бројот на достапни тестирања и да го подобри пристапот на жените до превентивна здравствена заштита, пренесе МИА.
Според новите цени, референтната вредност на ХПВ-генотипизацијата се намалува од 5.500 на 3.310 денари, што претставува намалување од 39,8 проценти. Воедно, партиципацијата за пациентките се намалува од 550 на 350 денари.
Кај ликвид ПАП-цитологијата цената се намалува од 2.200 на 1.250 денари, односно за 43,2 проценти, додека партиципацијата се намалува од 250 на 150 денари. Конвенционалниот ПАП-тест останува со непроменета цена од 600 денари.
Од ФЗОМ посочуваат дека ревизијата на цените е направена врз основа на анализата на реално фактурираните услуги во 2025 година.
-Со задржување на истото ниво на финансирање, бројот на достапни тестирања значително се зголемува. ХПВ-тестирањата ќе се зголемат од 13.466 на 22.375 годишно, што е раст од 66,2 проценти, додека ликвид ПАП-цитологиите ќе се зголемат од 2.427 на 4.271 тест годишно, односно за 76 проценти – соопштија од Фондот.
Според ФЗОМ, ова ќе овозможи значително поголем број жени да бидат опфатени со превентивен скрининг, особено оние кои досега не пристапувале до вакви прегледи поради финансиски причини.
Генералниот директор на ФЗОМ, Сашо Клековски, истакна дека мерката е насочена кон поефикасно користење на средствата и подобрување на достапноста на здравствените услуги.
-Со оваа мерка не само што ги намалуваме трошоците за осигурениците, туку создаваме услови значително поголем број жени да бидат опфатени со современи превентивни тестирања. Нашата цел е средствата што ги обезбедува Фондот да се користат поефикасно, а здравствените услуги да бидат подостапни за граѓаните – рече Клековски.
Тој додаде дека раното откривање на болестите спасува животи и останува еден од главните приоритети на институцијата.
На прес-конференцијата беше соопштено и дека се прават измени во шифарникот на лекови во делот на терапиите со активната супстанција топирамат, која се користи за лекување на епилепсија и други невролошки состојби.
Од шифарникот, од 1 мај 2026 година, се избришани лековите „Епирамат“ од производителот Плива и „Тирамат“ од производителот Белупо. За да се обезбеди континуитет во лекувањето, во новиот шифарник ќе биде вклучен лекот „Тирамат“ од производителот Фармавита, обезбеден преку интервентен увоз.
Од ФЗОМ уверуваат дека пациентите ќе имаат непречен пристап до потребната терапија и дека нема да има прекин во лекувањето.

































