ИТ експертите ги финализираат процесите и функционалностите во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и со тоа започна исплата на боледувањата, породилното отсуство и разни рефундации, соопшти денеска ФЗО.
Оттаму тврдат дека речиси сите модули се ставени во функција, по хакерскиот напад на оваа институција со којашто беа оневозможени услугите.
-Се очекува осигурениците етапно да ги добиваат средствата на своите сметки во текот на утрешниот ден и во среда. Тоа значи дека веднаш ќе започне исплатата на боледувањата кои биле внесени до 5 февруари 2023 година. Податоците за боледувањата кои се доставени после овој датум ќе започнат да се внесуваат во подрачните служби за и тие да влезат во системот за редовна исплата – стои во соопштението.
ФЗО посочува дека е во тек и враќањето во функција и на ДРГ системот, за евиденција на болничките услуги, за што јавноста навремено ќе биде известена.
ФЗОРСМ во соопштението се заблагодарува за трпението и разбирањето и најавува дека ќе извествестува во текот на денот, за сите информации.