dodeluvanje na sertifikati
Фото: Претседател

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ги додели сертификатите на учесниците на четвртото издание на „Охрид камп за високо-технолошка извонредност“, што се одржува под покровителство на Претседателот на државата, а во организација на Македонија 2025.

Учесниците на кампот, пред претседателката Сиљановска Давкова ги презентираа нивните проекти изработени на годишната тема на Фрст Лего Лигата –  натпреварот за едукативна роботика, коишто претставуваат креативен спој на уметноста и технологијата во процесот на создавање ремек дело – „Мастерпис предизвик“, преку изнаоѓање на уникатни решенија за реалниот живот.

Упатувајќи честитки за извонредните проекти во областа на роботиката, коишто младите ги изработиле во текот на изминативе неколку дена во кампот, претседателката Сиљановска Давкова ја истакна важноста од интердисциплинарен пристап во едукацијата и неопходноста да се стимулира развојот на високо-технолошките вештини, посочувајќи дека умот се развива со лего коцките и преку игра.

Пред учесниците на кампот, претседателката порача дека иднината е во технологијата, дека без научници светот не може да оди напред, и дека тие се пионерите, кои го имаат умот, знаењето, креативноста, духот за тимска работа, коишто инспирираат и затоа, додаде таа, државата треба да се грижи за најдобрите, да ги препознае и вреднува квалитетите, за меѓудругото да го намали и одливот на мозоци. Во тој контекст, таа додаде дека несомнено се потребни реформи во образовниот систем, како и адаптирани програми, соодветни на талентите на децата.

Охрабрувајќи ги младите да продолжат да ги надоградуваат своите знаење и вештини, претседателката истакна дека токму тие се нашите амбасадори и промотори и изрази уверување дека дел од нивните идеи во иднина ќе бидат успешно реализирани.

За време на посетата, таа ја посочи и важноста, што покрај образовна компонента, кампот им овозможува на учесниците подобро да ја запознаат татковината да ги истражат природните убавини, културното наследство и македонската традиција.

Во годинашното издание на кампот учествуваат 21 учесник, ученици од 11 до 15 години од земјава и од македонската дијаспора, од Сoединетите Американски Држави, Малта, Шведска, Катар, Италија и Хрватска, кои се обучуваат за воведно програмирање и роботика согласно светските стандарди и знаења од меѓународно лиценцираната платформа „Млади инженери“ и преку примена на интердисциплинарен пристап во науката, технологијата, инженерството и математиката (СТЕМ), со употреба на лего коцки.