Во пресрет на 18 Август, Денот на Армијата, на платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот денеска се одржа традиционален свечен собир на вработените во Генералштабот и Министерството, на кој пред присутните се обратија началникот на Генералштабот, генерал-потполковник, Васко Ѓурчиновски и министерот за одбрана, Владо Мисајловски.
Честитајќи им го Денот на Армијата, на вработените во Генералштабот и Министерството за одбрана, генералот Ѓурчиновски истакна дека е горд на професионалноста и посветеноста во работата на сите вработени, притоа истакнувајќи дека во изминатите шест години се остварени голем број подобрувања на условите за живот и работа и модернизација со очигледни резултати. На крајот од своето обраќање на вработените им посака понатамошни успеси.
Министерот Мисајловски во своето обраќање истакна дека денешниот ден е повод за истакнување на достигнувањата и оддавање почит и признание за храброста и посветеноста на сите припадници на Армијата
-Денеска започнуваме со одбележување на 18 август – Денот на македонската Армија. Ден кој е посветен на сите вас, мажи и жени кои сте непоколеблив штит на нашата безбедност и стабилност, на нашата држава. Ден за истакнување на достигнувањата и оддавање на почит и признание за храброста и посветеноста на сите припадници на Армијата. При справување со секојдневните предизвици и во кризните состојби секогаш сте подготвени да одговорите. Тоа е доказ за вредностите кои ги носите со себе – чест, лојалност и интегритет, додека силата и пожртвуваноста извира од срцата на секој еден припадник – истакна министерот Мисајловски.
Тој се осврна и на припадниците на Армијата кои ги положија своите животи при извршувањето на должноста.
-Нивниот спомен живее во сите нас, а нивната храброст не инспирира затоа што тие ни го покажаа вистинското значење на службата, наше е да продолжиме да го почитуваме нивниот спомен – рече Мисајловски.
На денешната свеченост по повод Денот на Армијата се соопштија наредби за унапредувања во повисок чин, наградни отсуства, плакети, значки, благодарници и други стимулативни мерки за припадниците на Армијата и Министерството за одбрана, како и на организации кои придонеле за развојот на одбраната и Армијата.
Во склоп на свеченоста министерот за одбрана Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, заменик на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин и делегација составена од претставници од семејствата на загинатите бранители положија цвеќе пред спомен обележјето на загинатите бранители пред Министерството за одбрана.
Претходно од страна на делегации од Министерството за одбрана и Генералштабот предводени од началникот на Генералштабот, кабинетот на Претседателката, Собранието, Владата, Сојузот на здруженија на борците од НОБ, Организација на резервни воени старешини, Градот Скопје и други, со воени почести се положија венци цвеќе на партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Клигоров и на гробот на генерал Михаило Апостолски.
На свечениот собир на вработените во Министерството за одбрана и Генералштабот присуствуваа и заменик министерката за одбрана, Елфет Исмаили, заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин и државната секретарка Елизабета Чуповска Ристова.
Со воени церемонии во исто време празникот на Армијата се одбележа во командите и единиците на Армијата во сите касарни во Републиката.
Централната свеченост по повод Денот на Армијата ќе се реализира на 18 август во Центарот за Обука на вода во Охрид, на која ќе присуствува највисокиот воен и државен врв, наведуваат од Канцеларијата за односи со јавност при ГШ на АРМ.