Не смеат студентите да бидат тие што на свој грб најмногу ќе ја почувствуваат економската, енергетската и здравствената криза
ПРИКАЗНИ ОД ЖИВОТОТ – Како е да се живее во студентски дом во Скопје
Кријат греалки за да се стоплат навечер. Има контрола што надгледува, меѓутоа имаат група на социјалните мрежи во која еден ги известува кога доаѓа надзорот и сите во исто време ги кријат греалките. Ова го раскажуваат студентите што живеат во студентскиот дом „Стив Наумов“ и кои апелираат дека е неопходно да се подобрат условите во нивните моментални живеалишта.
– Мораме да криеме гралки, преладно е. Парно има само наутро, а невечер не си легнуваме рано, мораме да учиме. Речиси сите студенти кријат греалки. Други електрични уреди не криеме, само греалките зашто ни се неопходни. Ако нѐ фатат, ќе нѐ избркаат – вели студентка, која веќе три години живее во студентскиот дом „Стив Наумов“.
За себе вели дека кога би имала избор, не би живеела во студентски дом, зашто условите се под сите стандарди.
– Јадам на свој трошок. Храната во мензата не е воопшто убава, ништо не е вкусно, како да јадеш во болница. Постојано се повторува менито, најчесто има ориз или грашок за ручек, за вечера некои кифли и пире од прашок. Овошје и десерт има многу ретко – вели студентката.
Најмногу ѝ пречи хигентата во тоалетите за која вели дека е на најниско ниво.
– Топла вода има, меѓутоа е нечисто, се гадам. Чистат површно. Поради личното здравје не би сакала да живеам тука – вели студентката.
Кире Ачкоски веќе три години живее во студентскиот дом „Гоце Делчев“. Студира на Градежниот факултет. Храната, греењето, немањето лифт вели дека се најголем проблем во овој студентски дом.
Редици за убав ручек, ама нема секогаш за сите
– Кога има убав ручек студентите чекаат во редици. Најчесто тоа се случува за компири со плескавица или за ориз со ражнич. Ама често се случува да немаат подготвено доволно ражничи, на пример. Пред некој ден правеа тостови, меѓутоа на еден тостер. За 1.400 души! А секој студент сака тост. Не се ни вработените криви, и ним треба да им се дадат услови. Проблем се неделите. Најчесто има виршли и јајца, а ништо не работи во недела и не можеме ништо да си купиме. Порано вечерата беше поубава, сега е ручекот. А повеќето студенти за време на ручекот се на предавања и не го јадат, така што поважна им е вечерата. Ама и таа е проблем зашто мензата затвора во 19:30. Оние студенти што се до подоцна на предавање не стигаат да јадат – вели Ачкоски.
Тој вели дека минатите години мензата работела до 20 и до 21 часот.
Како голем пробем го лоцира работењето на лифтовите во зградата во којашто живее. Зградата има два лифта, кои престануваат да работат после 21-22 часот.
– Има некои студенти со повреда, а се сместени на 13-ти или 14-ти спрат. Мора пеш до горе. Барем еден лифт нека работи, не мора двата – вели Ачкоски.
Ачкоски вели дека студентите на свој грб ја чувствуваат светската економска криза поради која се воведени многу мерки за штедење. Покрај лифтот, тој вели дека се гаснат и шпоретите и фрижидерите, а постои и забрана за внесување на други грејни тела од надвор.
– Внесувањето на други грејни тела беше воведена мерка и пред енергетската криза, така што за тоа студентите нема многу да се бунат. Парното во собата е на 20 степени наместено, навечер е преладно, па се покриваме со јоргани додека учиме – вели Кире.
„Гоце Делчев“ најсреден
Според него не смеат студентите да бидат тие што на свој грб најмногу ќе ја почувствуваат економската, енергетската и здравствената криза.
Меѓутоа, и покрај недостатоците вели дека би живеел во студентски дом.
– „Гоце Делчев“ се издвојува од сите други студентски домови и важи за најповолен и најсреден дом. И да имам повеќе пари пак ви седел во студентски, не се менува студентскиот живот за ништо – вели Кире.
Студентите минативе денови протестираа и бараа од сите пратенички групи во Собранието да се излезе во пресрет на студентите и да се зголемат средствата што ги предвиделе од Министерството за образование и наука (МОН).
– Во предлог-буџетот за 2023 година, забележуваме значително намалување и тоа во ставката наменета за „ученички стандард“ за 19,72 проценти, ставката за „студентски стандард“ намалена за 17,96 отсто, ставката наменета за „наука“ намалена за 30,87 посто и ставката наменета за „инвестиции во образованието“ намалена за 17,24 проценти. Особено сме загрижени од намалувањето на предвидените средства во однос на 2022 година за „изградба и реконструкција на студентски домови“ за 31 посто и „енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови“ за дури 46 отсто – стои во соопштението од Студентскиот отпор за правата на студентите.
Оттаму бараат пратеничките групи да поднесат амандмани со кои се предвидува зголемување на овие ставки и да се престане со штедење и намалување на средства кои, како што велат, се директно на штета на младите луѓе во земјава.
– Со зголемување на средствата бараме зголемување на субвенцијата за студентски оброк од 120 на 160 денари и задржување на постојните критериуми, но исто така бараме во студентските домови да има повисок квалитет на храна и лифтовите да работат во текот на целиот ден. Во делот на инвестициите во образованието бараме да се предвидат средства за реконструкција на сите студентски домови. Само во овие три програми (студентски стандард, ученички стандард и инвестиции во образованието) Владата за 2023 година предвидува речиси 500 милиони денари помалку отколку со Буџетот за 2022 година. Уште еднаш ги замолуваме пратениците да поднесат амандмани за зголемување на овие ставки за доброто на младите кои се иднината на секоја држава – се вели во барањето на „Студентски отпор“.
Студентите добија цела низа ветувања од власта за промена на условите за живот во стидентските домови, особено во објектите во кои состојбата е под секое ниво. Дали ќе се исполнат, останува да се види.