Рефлексии и размисли за филмот „Каде си, Адаме?“

Документарниот филм „Каде си, Адаме?“, чиј автор, украинскиот продуцент Александар Плиска, го снимил за време на својот десетгодишен престој во светогорскиот манастир „Дохијар“, претставува филм за животот со монасите.„Каде си, Адаме“ е филм во кој ќе се препознае секој човек, а гледајќи го, во него дефинитивно ќе се скрши нешто, за да воскресне во сознанието дека мора да живее поинаку и да се спаси. Кај монахот, реалноста е една метафизичка естетика на светлината, а во светлината се пројавуваат ангелските провиденија на еден поинаков, чудесен свет. Од тоа рајско небо, овој игумен запраша: Каде си, Адаме, или каде си човеку што побегна од рајот, врати се во Божјата градина и покај се за најголемиот грев, за сопствениот егоизам, покај се и отфрли го тој демон од својата душа како ропство и како темнина.
Во Светогорскиот манастир се случува едно чудо. Во кадарот, еден игумен и еден монах. Една душа му се предава на бога и се откажува од сето световно и сето во светот. А тоа е животот на страдалник и на уметник истовремено. Страдалник навидум, однадвор, а однатре неговиот живот е во блесоците на радоста. Животот во кој совршено функционира братството во љубовта кон Христа. Но тие рајски одблесоци ги нема во светот и ниеден земски човек не ги доживеал, затоа што тоа е повикот да се тргне по еден сосема поинаков пат. Светот за еден монах завршува во мигот кога пред олтарот цврсто ја држи земјата од чии илузорни привремени задоволства се откажува, а со срцето заминува на небото уште за време на животот, во самиот чин на замонашувањето. Монахот ја става шапката, симболот на надежта во спасението, ги обува сандалите да гази по светата за него нова земја, кога во неговиот свет се појавува и новото светлосно небо.

Тој умира, се раѓа и воскреснува истовремено. Монахот ни проповеда дека, без разлика на која земја газиме за време на овој краток живот, треба да го направиме само првиот чекор, слушајќи го шепотот на душата. „И не прашувајте како ќе се случи нешто или зошто“. Затоа што со секој нов чекор ти си веќе во дослух со бога и тој ја презема понатамошната чудесна игра. Монахот фасцинантно беше прикажан како обичен човек, кој, како и сите ние земски луѓе, катаден се бори со своите највнатрешни демони, искушенија и дилеми.
Во совршената естетска слика, во филмот се менуваат кадрите на убавините на рајската земја низ сите годишни времиња во целосна уметничка форма. Во блесокот на сонцето како огромна портокалова топка што продира во манастирскиот прозорец, низ белината на снегот кога одѕвонуваа звуците на флејтата на мирот, низ совршените волшебни татнежи на пијаното, низ азурното море и низ лустерот каде што се движеа планетите во црковниот ентериер, а на над нив стоеше бог. И не е важно каде си, во каков простор живееш, не е важно дали си во светот или на Света Гора, ако во себе го носиш срцето на монахот полно љубов кон бога, тогаш и ти си монах што живее во радосна песна. Кај монахот реалноста е една метафизичка естетика на светлината, а во светлината се пројавуваат ангелските провиденија на еден поинаков, чудесен свет. Од тоа рајско небо, овој игумен запраша: Каде си Адаме, или каде си човеку што побегна од рајот, врати се во Божјата градина и покај се за најголемиот грев, за сопствениот егоизам, покај се и отфрли го тој демон од својата душа како ропство и како темнина.
А на тие радосни темели се движи животот на еден монах, однадвор во темна мантија, однадвор исмејуван, каменуван, нарекуван слепото црево на општеството, нарекуван невреден, од оној мал несвесен човек што целата вредност ја виде во алчноста да зема трошлива материја и да уништува заради сопствените задоволства. А го знае ли тој мал несвесен човек срцето на еден монах однатре, срцето што не престанува со песната од повисокиот рај.
Ете, со тоа прашање заврши овој извонреден филм, филм на едно естетско совршенство, но и филм што нема да престане да ја бранува нашата душа и постојано да нѐ возбудува и преобразува.

Мимоза Рајл