Во фоајето на МКЦ во Скопје се одржа промоцијата на книгата „Филмски песни“ од Дејан Трајкоски. Поетската книга е издание на „Бата прес“, а нејзиното објавување е поддржано од Министерството за култура. Книгата заеднички, низ дијалог, ја промовираа авторот Дејан Трајкоски и писателот Гоце Смилевски. Песни од книгата музички изведоа Бранислав Николов и Гоце Јовановски.
За поезијата на Трајковски, Смилевски, меѓу другото, пишува дека е „поезија на метафизичко проникнување на човековата егзистенција, низ дијалог со филмовите, или делови од нив“.
– Читајќи ја оваа поетска збирка на Трајкоски, соочени сме со поезија богата со специфична визуелна имагинација и честопати имаме впечаток дека стиховите полни со интимни рефлексии, како и оние со контемплации, се менуваат со стихови со таков визуелен набој, како да се снимени, кадрирани, монтирани, зумирани… Впечатлива симбиоза на поетското, визуелното и контемплативното – рече Смилевски.
Според него, во поезијата на Трајкоски сме сведоци на едно суптилно чувство за детаљот и имаме впечаток сличен на оној како кога камерата, во остварувањата на одредени синеасти, се приближува до одреден објект не само за да ни го направи повидливо и повпечатливо она што го снима туку и создавајќи едно речиси хипнотичко дејство, или поскоро – трансцендентално чувство на понирање на набљудувачот не само во визуелната димензија туку и во суштината на она што се набљудува: како да нѐ води некаде отаде видливото.
Авторот Дејан Трајкоски работел како новинар, селектор на филмски фестивали, уредник, издавач. Тој е идеен автор и организатор на фестивалот „Про-за Балкан“. Автор е на романите „Вистина. Љубов. (рашомонијада)“ (2012) и „Неверство“ (2014). Бил член во жирија на филмски и литературни фестивали во странство, како и на интернационалната федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ.