Владата ja усвои информацијата на Центарот за управување со кризи (ЦУК) за потребата од обезбедување телекомуникациски сервиси за единствениот комуникациско-информативен систем со единствен број на повикување во случај на ризици и опасности и други несреќи на целата територија на државата Е-112.

Во согласност со препораките на ЦУК, Владата ги прифати заклучоците за телекомуникациските оператори „Телеком“ и „А1 Македонија“ да бидат задолжени да ги активираат сервисите за Е-112 бесплатно за корисниците и за операторот на системот за алармирање.

Како заклучок е усвоена и препораката операторите да обезбедат бесплатно препраќање на СМС-пораките за корисниците и за операторот на Е-112-системот, кои ќе бидат упатени преку единствениот број на повикување во случај на ризици и опасности и други несреќи на целата територија на државата Е-112, како и да ја обезбедат бесплатно услугата на E-call за повиците што ќе доаѓаат од автомобилите.