Вчера во православниот храм „Света Софија“ во Охрид беше одбележана годишнината од крајот на 55-годишниот спор меѓу МПЦ-ОА и СПЦ
Со епископска литургија на МПЦ-ОА и СПЦ во црквата „Света Софија“ во Охрид, вчера Македонската православна црква – Охридска архиепископија ја одбележи годишнината од, како што објавија официјални црковни извори, „доделувањето на томосот за автокефалност од страна на Синодот на Српската православна црква“
Со епископска литургија на МПЦ-ОА и СПЦ во црквата „Света Софија“ во Охрид, вчера Македонската православна црква – Охридска архиепископија ја одбележи годишнината од, како што објавија официјални црковни извори, „доделувањето на томосот за автокефалност од страна на Синодот на Српската православна црква“.
Со литургијата чиноначалствуваа поглаварите на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, и на СПЦ, г.г. Порфириј, придружувани од неколку епископи од двете цркви.
На истата црковна церемонија беше неофицијално објавено припојувањето на до скоро спорната Православна охридска архиепископија (ПОА) со Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Заедничко сослужување, златен жезол, интеграција…
Светата архијерејска литургија во црквата „Света Софија“ во Охрид се одржа по повод „годишнината од врачувањето на актот на Соборот на Српската православна црква (СПЦ) од страна на српскиот патријарх Порфириј на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан“. Со тоа официјално му се стави крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви, односно, како што беше истакнато од официјални црковни извори, дека во тој момент „СПЦ одобри и упати благослов за автокефалност на МПЦ-ОА“.
Со вчерашната свечена литургија чиноначалствуваа поглаварите на МПЦ–ОА, г.г. Стефан, и на СПЦ г.г., Порфириј, придружувани од неколку епископи од двете цркви.
Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА го одликува српскиот патријарх со орден на Свети Климент Охридски од прв ред, за покажаната љубов кон нашата црква.
Изразувајќи благодарност за добиениот орден, поглаварот на СПЦ, Порфириј, по отслужената литургија кажа дека е исполнет со радост што денеска е во Охрид, во преубавиот храм „Св. Софија“, потсетувајќи дека во овој православен храм, српски патријарх служел последен пат пред 100 години. По завршувањето на говорот, тој го повика македонскиот поглавар г.г. Стефан и му подари златен жезол.
– Знам дека веќе имате жезол, но јас би сакал да ви подарам уште еден – му рече патријархот на нашиот архиепископ г.г. Стефан.
ПОА ќе се интегрира во МПЦ-ОА, официјално по одлука на синодска седница на МПЦ-ОА
Во врска со интегрирањето на Православната охридска архиепископија (ПОА) во Македонската православна црква (МПЦ-ОА), факт е дека иако тоа беше неофицијално направено на вчерашната свечена литургија во Охрид, ќе бидат потребни уште најмалку две недели за тој чин да се официјализира. Во врска со тоа, митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј во кратка изјава за медиумите кажа дека во однос на прашањето за припојувањето на ПОА со МПЦ-ОА треба да има седница на Синодот на 20. овој месец.
– Ќе има синодска седница и тоа официјално ќе го објавиме. Има одлука ама не е верификувана. Со службата се потврдува припојувањето, но треба официјално да се потврди на седница во полн состав на Светиот архијерејски синод, која ќе се случи на 20. овој месец – рече г. Тимотеј.
Како потврда на неофицијалната најава за чинот на интеграцијата, вчера наутро, епископот полошко-кумановски г. Јоаким од ПОА сослужуваше на заедничката света литургија во охридскиот храм „Света Софија“. Тој во охридскиот православен храм беше претставен со новата титула епископ илинденско-дељадровски. Р.Н.М.