Пратеничката на СДСМ Снежана Ванчева Калеска на Фејсбук објави фотографија со спикерот на украинскиот парламент Руслан Стефанчук, но напиша дека тој е привремен претседател на Украина.
Со претседателот на Врховната рада Стефанчук, Ванчева Калеска се запознала при студиска посета на шведскиот парламент Ригсдаг, а погрешно напишала и дека тоа е „спикерот на украинската Врховна рада Олександар Турчинов“. Таа додава и дека тој воедно ја извршува привремено и функцијата претседател на Украина.
Набрзо, под нејзината објава Стефанчук се огласи со коментар за да објасни дека тој не се вика Олександар Турчинов и дека не ја извршува привремено функцијата претседател на Украина.
„Драга Снежана, драго ми е што се запознавме, но моето име е Руслан Стефанчук, јас сум спикер на украинскиот парламент, а претседател на Украина е Володимир Зеленски“ – ѝ напиша Стефанчук на пратеничката од Македонија.
Руслан Стефанчук е на чело на Врховната рада од 2021 година.
Пратеничката од СДСМ, ја поправи својата објава на Фејсбук, откако пратеникот Антонијо Милошоски го објави нејзиниот статус со грешка во името на соговорникот.