Фото: Пекселс

Се чувствувате безначајно и тажно, а сепак сте насмеани пред другите? Можно е да страдате од „насмеана депресија“. Дури откако депресијата ќе доведе до несакан исход, многумина се прашуваат како порано не забележале дека нешто не е во ред.

Според Светската здравствена организација, депресијата е вообичаено нарушување на менталното здравје и се проценува дека 5 отсто од возрасните во светот страдаат од ова нарушување. Според психологот Д-р Хајди Мекензи, депресијата и насмевката не се исклучуваат меѓусебно.

-Лицата кои страдаат од оваа форма, наречена „насмеана“ депресија, често ги маскираат симптомите што се појавуваат- вели д-р МекКензи.

Таа опишува како тие стануваат секој ден, се облекуваат, се појавуваат на работа и комуницираат со другите на таков начин, што маскираат колку лошо навистина се чувствуваат. Мекензи истакнува дека таканаречената насмеана депресија е всушност само друго име за високофункционална депресија, хронично чувство на тага што може да вклучува промени во спиењето и апетитот, чувство на безнадежност и замор, напади на паника и губење на интерес за претходно омилените активности.

Литературата често ја прикажува депресивната личност како некој што изгледа исцрпено или едноставно незаинтересирано за животот. Од друга страна, насмеаната депресијата не изгледа така – тагата не е забележлива на прв поглед.

Психологот Аишварја Раџ објаснува за „Доза здравје“ дека луѓето кои патат од депресија маскирана со насмевка имаат поголем ризик од самоубиство, бидејќи вложуваат многу труд да не му покажат на светот колку навистина се борат со проблемите. Воедно, тие можат да имаат повеќе енергија да го испланираат самиот чин на самоубиство и конечно да го спроведат, одошто личноста која е премногу летаргична и безволна за такво нешто.

Како да ги препознаете симптомите на депресија?

Најчестиот симптом на сите форми на депресија е долготрајното чувство на тага што луѓето кои страдаат од овој тип на депресија многу успешно го прикривааат со насмевка. Сепак, никој не може целосно да ја скрие болката, па обрнете внимание на следниве знаци: летаргија или замор, недостаток на сон или прекумерно спиење, промени во тежината и апетитот, незаинтересираност и ниска самодоверба.

Овие знаци се посебно важни кај некого што неодамна се развел или раскинал долга врска, доживеал смрт на сакана личност, изгубил работа или е во финансиски проблеми. Кај овие групи на луѓе ризикот е зголемен.

Депресијата е еден од најефикасно третираните ментални болести

Ако вие или некој што го познавате страда од депресија која е маскирана со насмевка, добрата вест е дека постои  ефикасна помош. Без разлика дали преку советување или психотерапија – можно е успешно да се излезе од оваа состојба на умот. Некој што ви е близок, а за кого се сомневате дека страда од депресија со насмевка на лицето, може да го негира тоа, па дури и да има негативна реакција кога првпат ќе ја покренете темата. На помошта може да гледа како на знак на слабост или како на нешто што им е потребно само на луѓето со тешки ментални нарушувања.

Една од причините е што депресијата и другите ментални болести во нашата држава сè уште се стигматизирани и се сметаат за срамни. Почестата дискусија на вакви теми, како и подобрата едукација од страна на експертите, може да помогнат да се елиминираат таквите предрасуди.

Подготви: Валбурга Батева Николоска