Фото: МОН

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири најавува дека до второто полугодие ќе има решение за учебникот по Историја и општество за петто одделение во кој се констатирани низа грешки и нелогичности.

– До второто полугодие ќе имаме решение и ќе побараме од авторите да ги корегираат грешките. Ако се утврди дека грешките се повеќе од 30 проценти, ќе заземеме став. Очекуваме дали се само тие или има уште – рече министерот во гостување во емисијата 24 Анализа на Телевизија 24.

Министерството за образование и наука и Педагошката служба на 16 декември соопштија дека почнале процес за утврдување на причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот по Историја и општество за петто одделение.

– Преку Националната комисија за учебници како највисоко тело во процесот на одобрување на учебници, МОН веќе побара информации за работата на сите чинители во постапката за одобрување на конкретниот учебник и по добивањето на извештајот, министерот за образование и наука ќе даде конкретен предлог за понатамошно постапување – соопшти МОН.

Со реакција за учебникот денеска се огласи Здружението на историчарите на Република Македонија од каде најавија дека во најскоро време до Министерството за образование и наука ќе достават детална критичка анализа на учебникот, врз основа на која ќе се побара тој да биде повлечен од употреба, а целата Концепција за основно образование да се преиспита и за неа одново да се поведе реална јавна дебата.

– Како професионални историчари и членови на Здружението на историчарите на Република Македонија реагираме по повод објавувањето на учебникот по предметот Историја и општество за V одделение од авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска, во кој се направени редица пропусти, и во содржинска и во концепциска смисла, и се наведени повеќе погрешни информации. Поради тоа сметаме дека доколку овој учебник се употребува во наставата, ќе му нанесе непроценлива штета на воспитно-образовниот процес и ќе влијае негативно врз развојот на учениците. Недозволиво е во XXI век, учениците да ги добиваат своите први сознанија, меѓу другото и од областа на историјата, од учебник што изобилува со погрешни информации и со неосновани констатации – се вели во реакцијата од Здружението на историчари на Република Македонија