Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) Бобан Стојановски и Борис Кондарко бараат општинските изборни комисии (ОИК) максимално да се вклучат во активностите за претстојните Претседателски и Парламентарни избори и како што рекоа, да бидат пооддговорни, поактивни и поажурни.
И на денешната седница на ДИК се одлучуваше по барања за изземање од извршување должност претседател, заменик претседател и член на општинските изборни комисии, а по случаен избор беа одредени нови лица. ДИК одобри и акредитација за изборите на 13 меѓународни набљудувачи од Централната изборна комисија на Косово.
– Активностите на ОИК влегуваат во завршна фаза, а постојано се случува да има барања за изземања и вршење случаен избор на членови и заменици членови во ОИК. Но, тоа не претставува основа за нивна неактивност при спроведување на дејствијата што се предвидени за реализација на двата вида избори. Затоа, слободно може да ги ангажираат замениците членови, онаму каде нема претседател или е неактивен работата може да ја преземе заменик претседателот. Укажувам да навлезат посериозно во работата, онаму каде не се, и да ги спроведуваат сите дејствија согласно Изборниот законик, нашите упатства и насоките што им се дадени од ДИК.Тука има координативни тимови што им стојат секојдневно на располагање на општинските изборни комисии за каков било совет, рече Стојановски.
Тој дополни дека ОИК во овој период немаат работно време и порача дека треба постојано да бидат во служба на избирачите, изборниот процес, како и на учесниците во изборите.
-Треба целосно да се вклучат во процесот за спроведување на Претседателските и Парламентарните избори бидејќи и нивната неактивност повлекува законска одговорност, предупреди Стојановски.
Кон неговите укажувања се приклучи Кондарко кој потенцираше дека сите членови и заменици членови на ОИК се од државната администрација и се ослободени од секојдневните работни обврски на работните места.
-Нема никакво оправдување за неактивност и доцнење на обврските што ги имаат согласно Роковник, насоки од ДИК, дневни задолженија, извештаи, комуникација, работа со избирачките одбори. Укажувам да бидат пооддговорни, поактивни и поажурни во извршување на секојдневните задачи. Не само што се ослободени од работни обврски и си ја земат редовно платата, туку и ќе добијат надоместоци од ДИК. Овој процес не смее да трпи заради индивидуални случаи на неактивност и неажурност на општинските комисии, наведе Кондарко.
Побара да се завршат и обврските во однос на пополнувањето на членовите на избирачките одбори и задолжително да се учествува во предвидените обуки со цел професионализација на избирачките одбори.
Претседателот на ДИК Александар Даштевски им препорача на координаторите да ги известат ОИК за изнесените укажувања.