Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска го почнува штрајкот во сите установи на национално ниво во дејностите детска заштита – градинки и во основните и средните училишта, со неизвршување на работните задачи на работното место, што според најавите ќе трае се додека не се изнајде соодветно прифатливо решение за двете страни. Од министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика, пак, посочуваат дека и во услови на штрајк училиштата и градинките мора да ја вршат својата дејност – згрижување и воспитание на децата и организирање на воспитно-образовниот процес.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, денеска се огласи преку социјалните мрежи повикувајќи на храброст и сплотеност за постигнување на целите на штрајкот.

– Денес е денот „Д”, ден кога ја започнуваме синдикалната борба за остварување на своите социјални права, за себе, за семејството, за дејноста, за учениците и родителите, за општеството… Да бидеме храбри како што сме, сплотени и единствени и да стасаме што побрзо до посакуваната цел. „Со ука, наука и култура заедно сме во секоја бура“ – напиша Неделков на Фејсбук.

Штрајкот ќе се одвива со неизвршување на работните задачи на работното место, односно штрајкувачите ќе бидат сместени во простории кои заеднички ќе ги договорат со директорите на установите и нема да ги извршуваат своите воспитно-образовни и згрижувачки дејности, како што најави претседателот на СОНК на вчерашната на прес-конференција.

Родителите, пак, се во недоумица дали нивните деца утре ќе бидат примени на училиште или во градинка со почнувањето на најавениот штрајк на членовите на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК). Многумина од нив на социјалните мрежи се прашуваат дали треба да ги земат децата на работа или дополнително да се организираат за нивно чување, доколку утре нема настава.

Генералниот штрајк стапува откако на неколку средби со ресорните министерства и Владата не беше постигнат договор во врска со нивното барање за зголемување на платите во образовниот сектор за 18,4 проценти. Од Синдикатот посочуваат дека целта на ова барање е усогласување на останатите плати со порастот на минималната плата во државата од 15.199 на 18.000 денари, што веќе стапи во сила.