Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Доколку се штрајкува од понеделник

Законот за детска заштита вели дека градинките мора да ги згрижат децата и во услови на штрајк. Директорите на детските градинки треба да се обратат до општините за сите оние кои што ќе штрајкуваат да бидат заменети додека трае штрајкот, така мора да работат. Легитимно право е да се штрајкува, меѓутоа и по закон и по Устав е децата мора да бидат згрижени, изјавија од Министерството за труд и социјална политика (МСТП).

Воспитно-образовните установи најавија штрајк од понеделник, доколку синдикатот и Владата не остварат прифатлив договор за зголемување на платите на вработените. Меѓутоа обезбедувањето на заменски наставници и воспитувачи не е ни малку лесна работа за директорите на воспитно-образовните установи.

И од Министерство за образование и наука (МОН) рекоа дека децата правото на образование е загарантирано со Устав.

-Правото на образование е загарантирано со Уставот и законите и образовните установи се должни тоа да го овозможат. Во отсуство на наставник или наставници, предвидена е можност за ангажирање на заменски кадар, во интерес на учениците и непречена едукација. Спроведувањето на законите го контролира Државниот просветен инспекторат – велат од МОН.

Директори велат дека наоѓањето заменски наставници или воспитувачи најчесто е „невозможна мисија“.

-Според сите регулативи и закони кои ми ги налага функцијата директор, јас ќе се залагам за одржување на непречена настава, но верувајте не е ни малку лесно да се најде заменски наставник. Веќе неколку месеци бараме заменски наставници за две наставнички кои треба да заминат на породилно отсуство, но нема. А дали некој би дошол на замена за два, три или пет дена? Не верувам. Искрено се надевам дека целата ова работа ќе заврши без штрајк и дека наставата ќе си продолжи по вообичаениот тек – вели директор на скопско основно училиште.

Согласно одуката на својата четврта седница одржана на 29 март, СОНК до сите основни и средни училишта, градинките, ученички и студентски домови, високообразовни и научни установи во државата испрати упатство за организирање и одржување на штрајкот. Според него штрајкот би се одвивал во самите образовни установи, во работно време и во простории одредени од претседателите на синдикалните организации, во договор со директорот на установата, а наставниците и воспитувачите нема да извршуваат наставно-образовни и згрижувачки активност во установите.

Ниедно дете нема да биде вратено од градинките и покрај штрајкот на СОНК

Од МСТП се надеваат на позитивен исход на целата ситуација и веруваат дека во понеделник нема да има прекин на образовниот процес.

– Искрено се надевам дека до понеделник ќе биде постигнат договор меѓу СОНК и Владата и дека нема да настанат несакани турбуленции во воспитно образовните установи во земјава, од кои најголема штета би претрпиле децата – додадоа од МСТП.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека имаме многу јасен закон во однос на организирање на штрајк.

-Училиштата, МОН, општините кога се работи за основно образование треба да го организираат работниот процес, бидејќи децата мора да имаат образование, особено што излеговме од период на пандемија скоро по две години, кога децата мораа да седат дома. Јас знам дека на никого не му беше лесно, но јас се надевам дека во наредниот период ќе изнајдеме решение и дека децата прво ќе останат во училиштата, дека треба да продолжи наставата, а со синдикатот ќе се изнајде решение, бидејќи и со штрајк и без штрајк на крајот мора да има социјален дијалог којшто ќе заврши со договор помеѓу синдикатот и, во овој случај, со Владата – рече Ковачевски.

Од СОНК, пак, најавија дека ако не биде постигнат договор, штрајкот најавен за понеделниќ ќе трае се додека не се исполнат нивните барања за усогласување на платите во образованието со минималната плата, која од овој месец се зголемува од 15.200 на 18.000 денари и, дополнително, минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.

-Вработените во детските градинки се под голем притисок од страна на директорите на установите, кои бараат списоци на штрајкувачи, ги заплашуваат со заменски работници, откази, казни и.т.н. – објави Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Тој ги охрабрува да не подлегнуваат на притисоци и закани и ги поттикнува ваквите ситуации да ги пријават.

-Правниот застапник на СОНК ќе постапува по однос на вашите преставки и ќе следуваат кривични прикави кон оние кои се обидуват да го попречат штрајкот. Кривичниот законик предвидува и затворска казна за таков прекршок – посочи Неделков.