Фото: Принтскрин

Бугарија ќе ги прекине сите заеднички меѓудржавни проекти со Македонија поради претепувањето на Христијан Пендиков, најави бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков откако денеска беше сослушан од собраниската Комисија за надворешни работи.
Тој појаснува дека Софија нема да ја запре европската интеграција на Скопје бидејќи, тврди, Македонија никогаш и не започнала преговори.

Милков вечерва изјави дека бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов ќе остане надвор од Македонија се додека, како што рече, Софија не види знаци на промена.

Затоа, запирањето на заедничките проекти ќе биде дел од бугарската реакцијата за случајот со Пендиков. Тој смета дека е цинично во ваква ситуација со Скопје да се разговара, на пример, за заедничка еколошка патека.

-Сите сме на мислење дека работите не можат да продолжат како што беа. Во моментов тоа не е продуктивен пристап. Мора јасно да се стави до знаење дека работите се сменија. Работите нема да продолжат, ќе разгледаме повеќе компоненти и елементи на нашата билатерална соработка со оваа наша соседна земја – вели Милков, пренесуваат бугарските медиуми.

Тој побара властите во земјава да се погрижат да има одговорност за тепањето на Пендиков, а тврди дека охриѓанецот кој се декларира како Бугарин, добива закани и во болница.

Тој зборуваше и за одбележувањето на 4 февруари, денот на раѓањето на Гоце Делчев, за што порача дека ако Бугарите бидат запрени на границата на Македонија и не им се дозволи да одат во Скопје да го одбележат денот, Бугарија ќе реагира негативно.

Покрај Милков, во собраниската Комисија за надворешни работи денеска беше сослушан и бугарскиот амбасадор во Македонија, Ангел Ангелов, кој пред неколку дена беше вратен во Софија за консултации.

-Обвинителството во Охрид не може да отвори случај мотивиран од омраза, а вчера вечерта на некоја телевизиска програма се јави заменик-министерот за локална самоуправа и рече дека Христијан бил нападнат бидејќи дошло до судир меѓу наркодилери. Христијан Пендиков со странски пасош си замина од РСМ. Никој не го бара на територијата на РСМ – вели Ангелов.