Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов на денешната прес-конференција на неговата партија ГЕРБ изјави дека Бугарија ќе инсистира да се најдат виновниците за претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид Христијан Пендиков и да бидат изведени пред суд и оцени дека ова „ги поткопува огромните напори што ги направивме Северна Македонија и Албанија да одат по патот на Европската унија“.
Борисов рече дека Македонија не ги внела во Уставот работите важни за Бугарија и не ги заштитила Бугарите од агресија. Тој ја обвини бугарската влада за дипломатско незнаење. Важните теми ги ставија под тепих што доведе до ескалирање на односите меѓу двете земји, рече тој. Поранешниот бугарски премиер вели дека „некој многу сака Бугарија да стави вето“ на македонските евроинтеграции.
-Таков акт како претепувањето на Бугарин ја става јавноста целосно на страна на претепаниот човек и може да не одведе во друга насока која целосно му оди во корист на Путин и неговите геостратешки планови за Балканот – рече Борисов.
-Овде гледам обид за враќање на Северна Македонија под руско влијание, намерно, и тоа се прави многу активно. Во никој случај не треба да бидете заведени. Најдоброто нешто за Бугарија е Северна Македонија и Албанија да бидат во Европската Унија и НАТО – рече Борисов.
Во исто време бугарските медиуми јавија дека собраниската Комисија за надворешни работи во Бугарското собрание усвоила Декларација со осуда за „актите на насилство врз Бугарите, нивните клубови и организации“, во која се осудува насилството врз Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб во Македонија, Цар Борис Трети.
Во Декларацијата, која треба да биде ставена на гласање на пленарна седница во Парламентот се повикуваат властите во Северна Македонија да преземат мерки против говорот на омраза против бугарските граѓани и граѓаните со бугарски идентитет. Во неа изразува и загриженост дека може да ескалира антибугарската кампања во РСМ со што би се загрозил процесот на вклучување на Бугарите во Уставот. Промената на Уставот е потреба за Македонија да го продолжи евроинтегративниот процес.