Фото: Борел/Tвитер

Македонија е добар пример за мултиетничко општество. Со промена на Уставот дополнително ќе се унапредат основните права во земјата и не се сомневам дека со тоа ќе го зачувате македонскиот идентитет и истовремено ќе напредувате во процесот на пристапување во ЕУ, како што правевте досега, вели високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Жосеп Борел во интервју за МИА.

– Членството во ЕУ не може да биде проект на една политичка партија, туку тоа треба да биде аспирација за целата земја. Во Северна Македонија, граѓаните ја изразија својата аспирација за влез во ЕУ, бидејќи сакаат да припаѓаат на заедница на вредности и да имаат корист од отворените граници, олеснето патување, внатрешниот пазар и стандардите на ЕУ во целина. Накусо, граѓаните сакаат мир, просперитет и подобар живот во ЕУ, за нив и за нивните деца. Затоа одговорност на сите ваши политички лидери е да работат и да ја реализираат оваа цел – вели Борел.

Тој нагласува дека преговорите за членство во ЕУ се процес заснован на заслуги и дека при тоа се оценува постигнатиот напредок во исполнувањето на сите поставени критериуми и спроведувањето на стандардите на ЕУ и реформите.

– И овие реформи ќе и помогнат на Северна Македонија да ја унапреди и подобри состојбата и да ја доближи земјата до Европската Унија и стандардите на ЕУ, пред се во интерес на граѓаните на Северна Македонија. Ние ќе бидеме покрај вас и ќе го придружуваме процесот до самиот крај, додека Северна Македонија не стане полноправна земја-членка на ЕУ. Тоа е она што го сакаме и целта кон која работиме сите заедно – додава високиот претставник на ЕУ.

Борел во интервјуто признава дека земјава предолго чекаше за старт на преговорите од различни причини, но нагласува дека во исто време Македонија нема подобар и попосветен партнер од ЕУ, која е најголемиот донатор, инвеститор и трговски партнер.

– Каде и да погледнете во Северна Македонија, таму веќе ќе ја најдете ЕУ, таа поддржува, помага, придонесува, финансира, советува. Членството во ЕУ значи стабилност, безбедност и просперитет. Инвестициите на ЕУ се одржливи и долгорочни, создавајќи нови работни места и можности. Нема сомнеж дека ЕУ останува партнер од најголема доверба на Северна Македонија – вели Борел.

Тој во интервјуто за МИА говори и за поддршката од ЕУ за зајакнување на безбедност и демократските процеси, справувањето со хибридните напади, за поддршката на Армијата, за војната во Украина, како и за претстојните разговори меѓу Белград и Приштина во Охрид.

ЕУ ќе одвои 9 милиони евра за опрема на Лесната пешадиска баталјонска група на Армијата

ЕУ е посветена да работи со нашите партнери од Западниот Балкан во борбата против хибридните закани кои продолжуваат да ги поткопуваат нашата колективна безбедност и демократските процеси и ја поддржува нивната безбедност, како и нивната одбрана, вели високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Жосеп Борел во интервју за МИА.

– Задоволство ми е што можам да објавам дека одвојуваме 9 милиони евра од Европскиот мировен фонд за поддршка на Армијата на Северна Македонија, за подобрување и надградба на опремата на нејзината Лесна пешадиска баталјонска група – нагласува Борел.

Тој додава дека ЕУ ја поддржува земјава и за зголемување на нејзината отпорноста на кибер нападите.

– Како дел од пакетот вреден 4,9 милиони евра за регионот за итна поддршка за кибер и информациската безбедност, ЕУ и помага на Северна Македонија да ја подобри својата способност за справување со кибер инциденти и да го зајакне управувањето со кибер безбедноста. Северна Македонија, исто така, ќе има корист и од регионалниот проект од 5 милиони евра за градење на капацитетите за кибер безбедност, што ќе почне да се испорачува оваа година – истакнува Борел.

Високиот претставник на ЕУ додава дека ЕУ заедно со специјализираните агенции на нејзините земји-членки и помага на државава во откривање, истражување и одговор на кибер нападите, како и во справувањето со проблемите предизвикани од нив.

– Продолжуваме внимателно да ја следиме состојбата и подготвени сме да преземеме понатамошни чекори, доколку е потребно, за поддршка на Северна Македонија – потенцира Борел.