Фото: Маја Јаневска-Илиева

Шефот за европската дипломатија, Жозеп Борел, денеска изјави дека ќе допатува во Скопје на состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), но нема да разговара со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Борел на денешната прес-конференција со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во Брисел објасни дека не би сакал на советот на ОБСЕ седиштето на ЕУ да остане празно. Тој појасни дека ќе присуствува на официјалната вечера, но потоа ќе мора брзо да се врати поради другите средби во Брисел.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност објави дека е завршена главната работа на новите европски санкции против Русија поради војната во Украина и изрази надеж дека соодветната одлука ќе биде усвоена во декември.

-Не гледам знаци на замор во ЕУ од војната во Украина, сите се загрижени и ги препознаваат успесите на Украинците. Не смееме да си дозволиме да бидеме уморни – коментира тој.

Борел истакна дека вкупната помош на ЕУ за Украина веќе достигна 27 милијарди евра.