Фото: Влада

Жената не бара повеќе права, бара исти права и исти можности како и мажите. Ама, ти владико, со твоите ретроградни ставови, со понижувањата и омаловажувањата кон жената, тоа не можеш да го разбереш, вели министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска по изнесените ставови на владиката Петар за родовата еднаквост.

– Богохулие е отровот што го пушташ и со кој навредуваш и понижуваш 51 отсто од популацијата. Не си ги разбрал поимите, но и времето во кое живееме. Не е време на инквизиција, владико. Живееме во демократија. Во време кога можеби не секоја жена е гласна, храбра, но оние гласните и храбри се борат за родова еднаквост. За своите права и правата на секоја друга жена. За правата на секој поединец во општеството – се наведува во реакцијата на Тренчевска.

Претходно вчера, владиката Петар во велигденското послание рече дека родовата еднаквост е изопачена.

– Во минатите векови, до феминизмот и еманципацијата на жената, таа била сопруга, мајка, домаќинка, а денес таа е високоеманципирана со забележителни позиции во општеството, но често и разведена и самохрана мајка. Кога некој бара повеќе или поголеми права, треба да е свесен, подготвен и способен да извршува повеќе должности – порача владиката Петар.

Рече дека на нашето општество молскавично му се заканува уште поопасна, попогубна и поотровна идеологија – родовата еднаквост. Оваа идеологија, вели владиката Петар, односно манипулативна терминологија, е богохулна, противприродна, изопачена.

– Господ ги создаде машкото и женското и сè друго изменето и поинакво од божјото создание е ненормално, а со тоа и неприфатливо – рече митрополитот преспанско-пелагониски.

Владиката Петар рече дека често се случува феминистичките здруженија, барајќи права, да го вперат прстот во Црквата.