Фото: Твитер/Ентони Блинкен

Министерот за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи, денеска информираше дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе дојде на неформалната вечера на министрите од министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје.

Османи потврди за американскиот дежавен секретар, но не можеше да каже дали на неформалната вечера ќе присуствуваат и рускиот и украинскиот министер за надворешни работи, бидејќи, како што рече, агендите на сите министри се различни и според тоа не мора да значи дека сите министри ќе бидат присутни сите три дена.

Шефот на македонската дипломатија, на денешниот брифинг со новинарите, рече оти очекува да бидат изнесени ставовите на државите во однос на иднината на ОБСЕ, но тема како што рече, ќе биде и војната во Украина. Според него, на Министерскиот совет е предвидено одржување на повеќе настани на темите Украина, климатски промени, млади и цивилно општество.