До крајот на месецов, според најавите на претседателот на државата, треба да биде свикан Советот за безбедност на кој ќе се разгледа безбедносната состојба во земјава по последните случувања во Израел и војната во Украина. Првите луѓе на министертвата за одбрана и за внатрешни работи уверуваат дека безбедносната состојба се следи и дека нема реална закана.
Претседателот на државата Стево Пендаровски во четвртокот изјави дека поволна околност е тоа што државата е членка на НАТО и дека добива информации од Советот за безбедност на Европската унија.
– Секако дека Советот за безбедност ќе биде свикан, не само за последниот развој на настаните на Блискиот исток. Моите луѓе во Кабинетот правеа напори да ги усогласат агендите на првите луѓе од Владата бидејќи тие мора да бидат присутни. Претпоставувам дека до крајот на овој месец ќе имаме седница на која ќе зборуваме и за северот на Косово каде имаме контингент којшто сакаме да го зголемиме по барање на НАТО. На дневен ред ќе биде и Украина и Блискиот исток, рече Пендаровски за емисијата „Клик плус“ на Телевизија 21.
Според министерката за одбрана Славјанка Петровска, во моментот нема лоцирано закани по безбедноста на државата.
– Институциите, службите, безбедносно – разузнавачката заедница будно ги следат случувањата во Израел и Украина, разменуваат информации и на национално ниво и во рамки на НАТО Алијансата и соодветно се подготвуваат доколку се лоцира предизвик да се реагира, изјави вчера Петровска во Охрид.
Координацијата на безбедносните и разузнавачките служби и информациите што се разменуваат, според Петровска, покажуваат дека закана нема, независно дали се работи за припадници на една заедница или кон некакви објекти.
– Но тоа не значи дека институциите остануваат само на таа информација. Ќе ги следиме случувањата и доколку е потребно и се укаже некакво вид безбедносна закана, не само Евреите, туку секој еден граѓанин на нашата држава ќе биде соодветно заштитен, уверува министерката Петровска.
Секогаш кога се отвора нов конфликт низ светот, вели Петровска, тој предизвикува одредени пореметувања во постојаното функционирање на државите, независно дали е тој поблиску или подалеку.
– Што поскоро завршат воените дејствија, час поскоро може да се седне на маса и да се разговара за сите проблеми што ги поттикнале конфликтите. Знам дека многу од проблемите се тешки, причините за случувањата се проблематични, меѓутоа ништо не е повредно од човечките животи, вели Петровска.
И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски уверува дека безбедносните служби се консолидирани и се во постојана координација со цел да се сочува безбедноста и стабилноста на државата.
– Сите случувања на геостратешко ниво сериозно влијаат на безбедносната состојба, а и случувањата во регионот бидејќи ние сме кревок регион во однос на безбедноста. Имаме отворени прашања коишто треба да се решат преку дијалог. За жал, во 21 век имаме руска агресија врз Украина, а во моментот имаме и нова безбедносна криза во Израел. Сето тоа имплицира дека мораме да бидеме многу внимателни, да работат консолидирано сите безбедносни служби. Следиме од час во час и сите активности се анализираат, истакна Спасовски во емисијата „Трилинг“ на Телевизија 24.
По воениот конфликт на Блискиот исток и терористичкиот напад во Брисел, голем дел од европските држави го подигнаа нивото на безбедност.