Фото: Крешник Бектеши/инстаграм

Министерот за економија Крешник Бектеши попладнево ги демантираше обвинувањата од опозицијата дека претставници на Владата биле вклучени во преговорите меѓу жителите на Слупчане и „ЕВН“.

– Најверојатно некои опозициски партии кои пренесуваат лажни вести кон граѓаните и кои прават споредби со одредени села и региони во државата, отвараат теми за кои тие треба да дадат одговори, а уште нема одговори од општините раководени од нивни кадри во делот на злоупотреба на Законот за енергетика, изјави Бектеши.

Додаде дека Владата се залага за тоа да се намалат загубите на електричната енергија и за тоа  обврските да бидат подмирени од страна на сите граѓани за услугите што ги добиваат.

– Конкретни информации за тоа што е договорено меѓу жителите на Слупчане и ЕВН, како Министерство немаме. Но, би ги замолил политичките партии и медиумите да не даваме лажни информации дека одредени места крадат или злоупотребуваат електрична енергија, туку да ја нагласaт потребата за намалување на загубите на електрична енергија бидејќи тоа е во интерес на државата, рече Бектеши.

Ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ да провери колку нејзините градоначалници имаат направено злоупотреби на регулираниот пазар.

– Да проверат со нивните градоначалници и со нивните директори во јавните комунални претпријатија дали се уште злоупотребуваат на регулираниот пазар и прават поголеми загуби и штета на државата отколку што може тоа да го направи одредено село или домаќинство кое на чесен начин учествува во општеството. Дополнително, да направат вештачење колку чинат сликите и лустерите во нивната Бела палата и да направиме споредба во тоа колку би можеле да бидат загубите, рече Бектеши.

Вели дека завршило времето кога некој од институција или политичка партија може да интервенира бидејќи, како што посочува, во оваа држава има закони.

– Затоа ние не интервенираме за да се решаваат вакви проблеми. Ние можеме само да придонесеме во решавање на проблемите, а не да интервенираме да се реши проблемот во некоја насока или пак на начин како што бара едната страна. Тоа време заврши. Ние сме да се почитуваат целосно законите во државата, да не справиме поделби и да ја тераме проблематиката во насока на етнички или регионални поделби бидејќи тие жители се чесни домаќини и како секој граѓанин живеат во оваа држава и ги преземаат и обврските и даваат придонес, рече Бектеши.

Претходно, на прес-конференција ВМРО-ДПМНЕ ја повика Владата и министерот за економија да одговорат што е договорено на средбата во Слупчане и дали Владата е гарант за жителите од ова село.