Фото: Фејсбук-профил на Кони Боглис/Приватна архива

Советничката за ментално здравје, Кони Боглис, која има македонско потекло, го доби високото државно признание „Орден на Австралија” за нејзината работа на полето на менталното здравје, објави австралиското радио „Си-би-ес“ на македонски јазик.

Поранешниот партнер на Боглис, ветеран од војната во Авганистан, Џеси Брд, си го одзел животот во 2017 година по враќањето во Австралија, по долго страдање од депресија и анксиозност, што ја потресе австралиската јавност.

Боглис успеала личната трагедија да ја претвори во платформа за застапување на правата на воените ветерани кои се вратиле од служба, со фокус на подобрување на помошта за нив, земајќи ја предвид и улогата на нивните семејства.

Боглис е и авторка на книгата  „Once Upon a Feeling” која што преку разни терапевтски алатки, кои истовремено се креативни и интерактивни, ги учи децата дека е безбедно да ги истражат своите чувства.

Нејзиното потекло е од Баница и Нерет во Егејска Македонија, денешна Грција.