Македонија е добро позиционирана на Индексот за конкурентност и иновации на Западен Балкан, кој ги анализира состојбите и капацитетите за развој на иновациите и конкурентноста во регионот. Индексот беше презентиран на настан организиран од Центар за истражување и креирање политики во соработка со Фондација Конрад Аденауер.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека Владата веќе преминува од креирање регулативи кон директни инвестиции во иновации и дигитална трансформација.
– Минатата година ги поставивме правилата преку новиот закон за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво, а годинава веќе директно инвестираме во иновациски процеси – рече Андоновски.
Тој посочи дека поддршката се реализира преку два европски дигитални иновациски хабови – ИНОФЕИТ ЕДИХ и ДИГИТ-МАК, кои ги поврзуваат универзитетите, стопанските комори и приватниот сектор со цел забрзување на дигиталната трансформација.
Според Андоновски, дополнителен импулс ќе даде и Центарот за вештачка интелигенција „Везилка“, кој треба да овозможи поширока примена на алатките за вештачка интелигенција и во јавниот и во приватниот сектор.
Директорката на Центарот за истражување и креирање политики, Марија Ристеска, информираше дека индексот ги анализирал Bosnia and Herzegovina, Albania, Serbia и North Macedonia.
Таа нагласи дека скопскиот регион е третопласиран на листата, додека сите македонски региони се рангирани меѓу првите 20. Според неа, особено добро се позиционирани Скопскиот и Југоисточниот регион, благодарение на продуктивноста, извозот и додадената вредност.
Ристеска посочи дека индексот се базира на 13 индикатори, меѓу кои продуктивност, иновации, истражување и развој, интернет-пристап, патенти, извоз и странски директни инвестиции.
Сепак, таа оцени дека државата сè уште заостанува зад Србија, особено во делот на истражување и развој, како и во продуктивноста.
– Потребни се повеќе инженери и посилна дигитална трансформација на компаниите за да се зголеми продуктивноста и конкурентноста на економијата – истакна Ристеска.
Од Фондација Конрад Аденауер порачаа дека иновациите се клучни за подобрување на животниот стандард и економскиот развој на регионот на Западен Балкан.

































