Речиси седум трилиони долари ќе се вложуваат наредните 6-10 години во изградба на дата-центри, за потребите на светот за податоци. Да успееме 0,01 проценти да донесеме од тоа во регионот, не само во Македонија, тоа ќе биде огромен напредок и затоа и државите од регионот работат на вакви проекти, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во интервју за МИА.
-Плановите на Владата се привлекување ваков вид инвестиции, а и претседателот на Владата рече дека имаме неколку со кои сме во еден вид на преговори, разговори за тоа кој модел нам најмногу ни одговара, но и за кој модел се заинтересирани светските инвеститори – вели Андоновски.
Според него, Европската унија (ЕУ) е во трка по инвеститори во дата-центри.
– Ние не сме држава која е најатрактивна во светот за вакви инвестиции. Има многу држави во кои се инвестира. Во ЕУ е трка по инвеститори во дата-центри, најавени се речиси 7 трилиони долари инвестиции во наредните 5-6 години во вакви податочни центри за потребите на светот за податоци и, впрочем, во таа борба вие се борите за инвестиција повеќе затоа што тоа значи капитал повеќе во државата – вели Андоновски.
Тој додава дека сите држави што сакаат да напредуваат изминатиов период веќе активно работат на привлекување ваков вид инвестиции затоа што ова е чиста индустрија. Открива дека Министерството работи на повеќе проекти, од кои од особено значење се националниот дата-центар и оптичката инфраструктура. За националниот дата-центар изработена е физибилити-студијата за негова изградба и во моментот се разгледуваат локации што ќе бидат во индустриски зони, во индустриски капацитети, најверојатно во близина на гравниот град.































