Индустриското производство во вториот квартал има раст од 3,4 отсто и тоа е индикатор дека состојбата е стабилизирана и конечно стигнуваат позитивни вести, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Според него, по 25-26 месеци од оваа Влада, состојбата е стабилизирана и во таа насока треба да се продолжи и во периодот што следи.
– Ова се први индикатори кои велат дека по овие 24, 25, 26 месеци од оваа Влада, конечно стигнуваат позитивни вести, односно да се изразам попрецизно, конечно е стабилизирана состојбата која ќе треба да продолжиме да ја развиваме и да ја растеме. Во периодот што следи очекувам и тоа да се случи – изјави Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на Градскиот воз.
Според премиерот, добри резултати се очекуваат и БДП, чиј раст, како што рече Мицкоски, се очекува да изнесува помеѓу 3,5 и 4 отсто, а Владата во овој период се задолжува за да врати стари долгови.
– Сите задолжувања се за пороекти како овој, за враќање стари долгови, еврообврзници. Оваа година имаме еврообврзница од 700 милиони, следната година од 500 милиони, 2028-ма повторно 700 милиони, имаме камати и буџетски дефицит за реализирање капитални инвестиции и тоа се тековни расходи. Но, важно е дека имаме една од најниските инфлации во Европа, раст на БДП, на индустриското производство кое вчера го објави Државниот завод за статистика и тоа е еден од ретките примери во Европа. И уште многу работи можам да кажам. Дали е се решено, не е, дали има предизвици, има, зашто тоа што го наследивме од СДСМ и ДУИ беше катаклизма и катастрофа. Но, мотивирани сме да го решаваме секој предизвик – истакна Мицкоски.
Тој потсети дека 2025 година заврши со 3,5 отсто раст на БДП.































