Најави од Конгресот на САД да насочи „плима на бенефиции“ кон Западен Балкан
Законот за демократија и просперитет на Западен Балкан е извонреден легислативен предлог за инкорпорирање во американското законодавство, а се однесува за просперитетот на државите од нашиот регион. Според анализите на д-р Џозеф Ван, професор по национални безбедносни студии во европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ К. Маршал“, и д-р Валбона Зенели, професорка по национални безбедносни студии и претседателка на Одделот за стратегиски иницијативи во европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ К. Маршал“, кои имале увид во предложениот законски предлог во американскиот Конгрес, предлог-пакетот може да ја промени играта на векот, се разбира на подобро, за регионот на Западен Балкан
Американската политика јасно ја разбира стратегиската важност на регионот на Западен Балкан. Поаѓајќи од оваа констатација, разбирливо е зошто група американски сенатори, предводени од сенаторот Џин Шахин, пред многу скоро време поднесоа пакет предлог-закони во Конгресот на САД, со цел да се зголемат трговијата и инвестициите меѓу Соединетите Американски Држави и шесте земји од Западен Балкан.
Во истиот контекст, за издвојување е намерата на предлог-законите, да ја промовираат и афирмираат важноста на владеењето на правото, доброто владеење и воспоставувањето силни институции за усогласување на инвестициските можности, кои ќе решат многу од слабостите во регионот.
Професорите Ван и Зенели тврдат: „Ова е извонредна работа!”
Според мислењата на Џозеф Ван, професор по национални безбедносни студии во европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ К. Маршал“ и Валбона Зенели, професорка по национални безбедносни студии и претседателка на Одделот за стратегиски иницијативи во европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ К. Маршал“, кои имале увид во предложениот законски предлог, поднесената предлог-легислатива во американскиот Конгрес е „богата со детали што се однесуваат на можностите за инвестирање, развојот на инфраструктурата, надворешната миграција и критичната улога на жените во општеството“! Понатаму, според професорите, предлог-законското решение „ја промовира важноста на интеграцијата во ЕУ и во НАТО за земјите што го посакуваат овој пат“. Едноставно кажано, со нивни зборови „ова е извонредна работа!“
– Ако ова законодавство биде усвоено и соодветно финансирано, ќе ја обезбеди потребната поддршка за да се тргне регионот на патека што ќе го реализира самото име на законодавството: Закон за демократија и просперитет на Западен Балкан – тврдат професорите Џозеф Ван и Валбона Зенели. Тие се на мислење дека со овој потег се чини дека Америка се врати и овој пат и ја игра улогата на „економски инкубатор“ за овој регион на Европа.
Постоеше ли досега „парализа на одлуки“ за Западен Балкан?
Историските геополитички безбедносни димензии на регионот, веројатно, создадоа чувство, како што велат професорите, на „тунелска визија и создадоа чувство на парализа на одлуки“. Сепак, лесно е да се почувствува непријатност бидејќи колективно, Западен Балкан спаѓа во категориите „неразвиени демократии“ или „хибридни режими“, според индексот за демократија на „Економист интелиџенс јунит“.
– Кружни избори на исти или типови на силни политичари што ја мерат големината на нивната способност да профитираат од корупција. Истите овие личности се истакнуваат во вешто поттикнување етнички и религиозни тензии за да го одвлечат вниманието на населението од разбирање на нивните несоодветности како лидери. Политичката динамика, комбинирана со остатоците од османлиските и европските културни практики, создава сложено соседство – објаснуваат тие. Според анализата и ставовите искажани во јавноста на професорите Џозеф Ван и Валбона Зенели, „географската оддалеченост на Америка може да биде благослов“.
– Улогата на Соединетите Американски Држави беше од витално значење во ставањето крај на крвавите конфликти во регионот во 1990-тите. Сепак, траен мир и стабилност на Западен Балкан не може да се случи без надворешен поттик за профункционирање на економскиот (и демократски) развој. Вистинските безбедносни предизвици во регионот произлегуваат од бескрајните илузионарни ветувања за транзиција. Повторно се враќаме на токсичната комбинација на корумпирано раководство што продолжува да раѓа сиромаштија, пристрасност во владеењето на правото, корупција и организиран криминал. Тие сликовито велат дека „Западен Балкан се смета за експлоатирачко меко стомаче на Европа“!
Договорите за слободна трговија на САД со Западен Балкан ќе добијат нов силен импулс за зголемување на нивото на трговија и инвестиции
Создавањето можности за младите е предуслов за забавување на масовната надворешна миграција и одливот на мозоци од регионот. Ова е поттикнато од едноставен економски и институционален очај. Во 2021 година, просечниот приход по жител на шесте балкански земји беше околу 7.000 американски долари – ниту 15 отсто од просечниот приход на ЕУ и едвај повеќе од 10 отсто од американскиот приход по жител. Многу посакуваната економска конвергенција со Западот очигледно не се случи.
Трговијата меѓу САД и Западен Балкан е минимална. Тоа беше помалку од 1,5 милијарди долари во 2021 година, според „Комтрејд“ на ОН, додека трговското ниво меѓу Соединетите Американски Држави и ЕУ достигна 760 милијарди долари истата година. Потенцијалните договори за слободна трговија на САД со Западен Балкан ќе послужат како двигател за зголемување на нивото на трговија и инвестиции и ќе ја олеснат интеграцијата на регионот во европскиот заеднички пазар.
Пазар од 18 милиони потрошувачи, со вкупен бруто-домашен производ од 132 милијарди долари, Западен Балкан има потенцијал да стане регион на брзорастечки економии што лесно би можеле да се поврзат со заедничкиот пазар на ЕУ од 17 трилиони долари. Сепак, шесте земји земени заедно привлекоа помалку од 0,2 отсто од резервите на глобалните странски директни инвестиции, според Конференцијата на ОН за трговија и развој.
Слично на тоа, вкупната резерва на американските странски директни инвестиции во регионот е само 900 милиони долари, според Бирото за економски анализи на САД, во споредба со приближно 4 трилиони долари во поголемата економија на Европската Унија. Сепак, регионот е многу динамичен во неговата способност да реагира брзо како што е прикажано во случајот со Албанија. Во 2021 година, Албанија забележа раст од 70 отсто на американските акции на СДИ (од 99 на 168 милиони долари) благодарение на новите инвестиции во енергетскиот сектор.
Со правилно насочување на инвестициите, Западен Балкан би можел да стане епицентар за „сојузничката поддршка“, стимулирајќи го производството на критични добра во трансатлантската економија. Ова може да биде паметен начин да се изгради технолошки вишок во клучните сектори за национална безбедност. Инвестициите во енергија, автоматизација, роботика и вештачка интелигенција ќе се покажат како рентабилни инвестиции на долг рок и ќе изградат капацитет во трансатлантската заедница. Инвестициите во овие сектори на крајот ќе ги поттикнат потребните инфраструктурни проекти и ќе создадат нови можности за вработување.
Во крајна сметка, помагањето на земјите од Западен Балкан е во колективен национален безбедносен интерес на ЕУ и на САД. Геостратегиската важност на Западен Балкан беше јасно нагласена за време на воената вежба „Бранител – Европа 21“ предводена од САД и ја покажа критичната улога што земјите и аспирантите на НАТО ја играат во поддршката на трансатлантската алијанса. Неговата важност стана уште покритична поради руската инвазија на Украина. Враќањето на конфликтот во Европа наведува дека визијата за Европа, која е слободна, во мир и способна да напредува, мора да остане заедничка цел.
Свртувањето на плимата нема да биде лесно. Ќе биде напорна работа. Но штом сегашниот момент на лошо владеење ќе се промени, а инвестициите ќе се насочат за да започне растот, магијата ќе почне да се случува. Како што е предложено, Законот за демократија и просперитет на Западен Балкан е извонреден дел од законодавството и може да ја промени играта на векот! Н.М.