Фото: Кабинет на претседателот

Актуелната енергетска криза и текот на скрининг процесот, како важна фаза во пристапните преговори за членство на земјава во Европската Унија, беа главни теми на денешната средба на шефот на државата Стево Пендаровски со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен во Софија.

Како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, претседателот Пендаровски изрази очекување за помош од Европската Комисија во контекст на европската солидарност во справувањето со енергетската криза.

Во однос на во пристапните преговори за членство Пендаровски истакна дека земјава е подготвена да ги направи потребните реформи во клучните области, како дел од процесот за пристапување кон ЕУ.

Пендаровски и Фон дер Лејен денеска во Софија присуствуваат на церемонијата по повод почетокот на комерцијалната работа на гасниот интерконектор Грција – Бугарија (ИГБ), која почна во Националната палата на културата во Софија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, на церемонијата присуствува и претседателот Стево Пендаровски, кој пристигна во салата заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен и неговиот бугарски колега Радев. По нив во салата влегоа претседателите на Азербејџан и на Србија, Илхам Алијев и Александар Вучиќ и премиерите на Грција и на Романија, Киријакос Мицотакис и Николае-Јонел Чука.

Форумот го отвори бугарскиот премиер Галаб Донев, кој истакна дека гасоводот меѓу Грција и Бугарија има исклучително сериозна димензија, не само во однос на економиите на Бугарија и Грција, туку и за регионот во целина.

– Гасоводот ги надминува границите на двете соседни земји, бидејќи ќе отвори нови можности во енергетиката на широк регионален план.

Ситуацијата во светот е комплицирана, особено по почетокот на војната во Украина, рече Донев, додавајќи дека Бугарија го поддржува договорот меѓу Азербејџан и ЕУ.

На церемонијата присуствуваат и еврокомесарот за енергетика Кадри Симсон, извршните директори на проектната компанија „ИЦГБ“, Теодора Георгиева и Јоргос Сатлас, како и поранешните претседатели на Бугарија, Петар Стојанов и Георги Парванов.

Интерконекторот е со вкупна должина од 182 километри, од кои на бугарска територија се 140 километри и ги поврзува системите за пренос на гас на Бугарија и Грција, вклучувајќи го и Трансјадранскиот гасовод. Вкупната вредност на гасоводот е над 240 милиони евра, кои ги обезбеди Европската комисијата за претпролетни истражувања во 2010 година.