Фото: Маја Јаневска-Илиева

Политичката партија Левица вчера до Собранието ја поднесе граѓанската иницијатива за покренување задолжителен и дополнителен референдум на државно ниво на референдумско прашање „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?“. Партијата собрала 750 потписи кои вчера со останатите материјали ги предаде во собраниската архива.

Лидерот на Левица Димитар Апасиев вчера на прес-конференција во Собранието изрази верување дека ќе имаат координација со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање, но и како што нагласи очекува сериозно да бидат сфатени како опозиција. Тој, меѓудругото најави и целосна блокада на Собранието доколку спикерот Талат Џафери ја отфрли и оваа иницијатива.

– Ние не очекуваме опструкции, доколку спикерот Талат Џафери се осмели да глуми уставен судија ќе почнеме со целосна блокада на Собранието – рече Апасиев, додавајќи оти се надеваме во добра волја да помине оваа референдумска иницијатива.

Апасиев, образложувајќи ја иницијативата рече дека таа се однесува на промена на заклучоците каде се спорни две точки.

– Тоа се точка 1 и точка 3Г, каде што се вметнати „францускиот“ предлог и преговарачката рамка. Тоа практично би значело дека од ЕУ ќе се очекува нова преговарачка рамка без бугарските хегемонистички барања кои се инкорпорирани внатре. Тоа значи дека референдумот не е анти ЕУ, туку бојкотот на референдумот или недавањето да се случи референдум е чин на анти ЕУ. Демократското изјаснување на граѓаните не може да биде анти ЕУ – рече Апасиев минатата недела кога ја ја поднесе иницијативата за референдум до ДИК.

СДСМ се уште е на став дека опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица прават сè за да се попречи патот на државата кон Европската Унија. Оттаму не сакаат да ја коментираат иницијативата додека не ја разгледаат.

Пратеникот од редовите на СДСМ Ненад Коциќ вчера во собранискиот прес-центар рече дека владејачкото мнозинство гласаше за заштита на македонскиот јазик, идентитет и култура во процесот на преговори со ЕУ.

– Иницијативата прво треба да ја видиме, сè уште не е стасана до нас. Тоа што го знам е дека во ова Собрание мнозинството, и ние како СДСМ, гласаше за заштита на македонскиот јазик, идентитет и култура во процесот на преговори со ЕУ. Станува јасно дека сè што прават Мицкоски и Апасиев е да се препречи нашиот пат кон ЕУ. Друга желба и интенција нема. Инаку секое изјаснување, нормално е демократско – заклучи Коциќ.

Претседателот Стево Пендаровски, пак, смета дека прашањето на Левица за референдумот е збунувачко и нејасно за граѓаните.

– Прашањето кое Левица сака да го употреби во референдумското изјаснување е збунувачко и нејасно за граѓаните. Истото го повторувам периодов кога станува збор за референдум и кога ваква слична иницијатива поднесе и ВМРО-ДПМНЕ. Против сум вакви прашања кои сега Левица ги пласира во кои содржат збунувачка содржина – изјави Пендаровски.

Претседателот на Собранието Џафери на 13 септември ја отфрли иницијативата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за референдум за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, образложувајќи дека е противуставна и оти меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Од ВМРО-ДПМНЕ тогаш оценија дека иницијативата е во сoгласност со членот 24 од Законот за референдум и порачаа дека Џафери нема основа да ја отфрли, додека од владејачката СДСМ ја поддржаа одлуката на Џафери поради тоа што и тие ја сметаат за неуставна.

ВМРО-ДПМНЕ на 9 септември ја достави иницијативата до Собранието за одржување референдум откако ги собраа потребните потписи за нејзино поднесување, а претходно на 5 септември партискиот Извршен комитет го усвои и референдумското прашање „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија објавен во Службен весник од 18.01.2017?“. Согласно Деловникот на Собранието, собранискиот спикер, по добивањето на предлогот за покренување на граѓанска иницијатива за донесување закон, за распишување референдум на државно ниво веднаш ја доставува до претседателот на Законодавно-правната комисија и до претседателот на матичното работно тело. Законодавно-правната комисија и матичното работно тело во рок од два работни дена до претседателот на Собранието доставуваат мислење за уредноста на иницијативата.

Во меѓувреме, премиерот Димитар Ковачевски порача дека Владата е стабилна и парламентарното мнозинство овозможува нејзино непречено функционирање и покрај случувањата во ДУИ.Не може да зборува, рече, во име на пратеници на ДУИ, но смета дека од тројца пратеници на оваа партија Владата и натаму ќе има поддршка.

За влез на партијата Алијанса за Албанците во Владата не е разговарано со новиот лидер Арбен Таравари, но рече дека секоја поддршка на европскиот пат на државата и на носење мерки за справување со економската и енергетската криза и со сите предизвици на државата смета дека е поддршка за која треба да се разговара и да се поздрави.

-На последниот настап во Парламентот кажав дека сега е време кога треба да се обединиме зашто имаме пред нас остварување стратешки цели на државата – продолжување на патот кон полноправно членство во Европската Унија и овозможување на најдобар начин да се справиме со енергетската и економската криза во која се наоѓа и државата и целиот европски континент. Со господинот Таравари се немам видено, но секогаш сум имал контакти со пратениците од партијата Алијанса – рече Ковачевски синоќа во телевизиско интервју.

Тој не смета дека има потреба од формирање широка коалиција во која би била и ВМРО-ДПМНЕ, како во 2001 година, затоа што, рече, не смета дека во моментов државата се наоѓа во политичка или во воена криза.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, во овој момент не ја отфрла можноста за формирање проширена коалиција меѓу сите парламентарни партии, но не како идејата на пратеникот Павле Трајанов.

– Да, ние сме за широка коалиција која што ќе води кон распуштање на Парламентот. Да ја формираме таа широка коалиција денеска и утре 120 пратеници да изгласаме распуштање на Парламентот и да закажеме предвремени парламентарни. Инаку, да кохабитираме во иста Влада не, тоа не – рече Мицкоски вчера во телевизиско гостување.

Тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ под овие околности нема да дозволи промена на премабулата на Уставот, како и дека не се откажува од барањето за предвремени парламентарни избори, но во услови на криза одлучиле да водат поинаква политика – политика на решенија наместо на конфронтации со власта. Изборите остануваат приоритет за него и неговата партија, но проценката им е дека во моментов граѓаните имаат други приоритети.