Попладнево во Битола полициските синдикати и граѓаните од Битола протестираа
во одбрана на битолскиот полицаец Гоце Петковски. Tој со првостепена судска пресуда е осуден на година дена затвор за малтретирање во вршење на службата откако во септември лани на социјалните мрежи беа објавени снимки на кои тој применува физичка сила врз Битолчанец кој под дејство на алкохол претходно со возило удри во бандера во близина на битолската пошта.

Учесниците на протестот сметаат дека казната е превисока и бараат ослободителна
пресуда за Петковски.

– Сето што го видовме на снимки, говори дека само ослободитлена пресуда е пресуда која ќе биде правична и Гоце ќе треба да си продолжи со работа и да ги штити граѓаните. Во Битола се обединуваат сите синдикати и отпочнуваме една сериозна синдикална битка затоа што ни е дојдено преку глава, – рече Гоце Делчев Тодев, претседател на Независниот полициски синдикат.

– Ние бараме да се води редовна постапка како за сите граѓани. Секој што направил злоупотреба да се казнува по кривичен законик како и останатите граѓани – рече Горан Ристевски од Незвисниот синдикат на затворска полиција и администрација на денешниот протестен марш со автомобили во Битола и Широк Сокак.

М.М.