Димитров се сретна со Вучиќ и со Рама во Белград во рамки на регионалната иницијатива

Работниот состанок за „Отворен Балкан“ што се одржува во Белград, беше заокружен со трилатерална средба на вицепремиерот Никола Димитров, српскиот претседател Александар Вучиќ Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, по што следуваше прес-конференција на која беа презентирани конкретно договорените чекори за натамошно реализирање на иницијативата.

Димитров нагласи дека регионалната соработка не е алтернатива на европската интеграција, туку напротив оваа иницијатива е оригинален придонес од земјите од регионот во функција на европската иднина, а Македонија останува цврсто посветена на својата стратешка цел.

– Регионалната соработка е мудар избор, регионалната соработка е правилен избор и регионалната соработка е европски избор. Единствената одржлива и долгорочна визија за стабилен, победнички Балканот е онаа каде што границите се помалку важни, па дури и до степен да станат неважни и затоа поттикнувањето на регионалната соработка преку инцијативата „Отворен Балкан“ е голем чекор кон остварување на оваа визија. Значењето што Владата го придава на регионалната соработка и на оваа иницијатива мислам е потенцирано со фактот што сум јас тука денес во Белград во услови кога на македонската политичка сцена имаме една прилично комплексна ситуација, но оваа кауза е преважна и го немаме луксузот да не бидеме тука присутни и на оваа сесија од оваа иницијатива меѓу трите држави – кажа Димитров.

Тој се осврна на конкретните заклучоци од одржаниот работен состанок, односно од лидерските средби и средбите со претставниците на компаниите.

– Од аспект на граѓаните на трите држави, па и на целиот регион на Балканот, голем плус е ако ги елиминираме трговските бариери и овозможиме регионот да стане многу поатрактивен за странските инвестиции. Од перспектива на земјите-членки на Европската Унија, колку повеќе успешно соработуваме ние тука, толку повеќе ќе ги убедиме дека сме регион што не може да носи проблеми, туку ќе носи решенија. Ние покажавме дека имаме политичка волја, мислам дека има сосема очигледни услови таа политичка волја да се претвори во легислатива таму каде е тоа потребно или меѓународни договори. Тоа што недостасува што на овој состанок го адресиравме е да ја зајакнеме имплементацијата. Нашата заложба е на следната средба кон крајот на годината во Тирана, да бидеме во можност да објавиме неколку заеднички победи, вклучувајќи и решение за спроведување и колку повеќе ќе испорачаме заеднички победи, толку поатрактивна ќе стане иницијативата и за другите земји од нашиот регион – посочи Димитров.

Вицепремиерот истакна дека регионалната соработка има поголеми шанси за успех ако е навистина регионална во инклузивна смисла.

– Мислам дека е многу важно да остане иницијативата отворена за сите и мислам дека колку поконкретно и одлучно чекориме напред, толку ќе бидеме попривлечни и за другите земји и ќе паднат резервите – смета Димитров.

Во рамки на работниот состанок, во соработка со Атлантскиот совет беше организирана и панел-дискусија на тема „Дигиталната трансформација како подадена рака за регионална интеграција“ при што беше истакната важноста на дигитализацијата за унапредување на регионалната соработка преку платформата „Отворен Балкан“.

Следниот работен состанок на иницијативата „Отворен Балкан“ е планирано да се одржи кон крајот на годината во Тирана и на тој состанок ќе биде направен преглед на остварувањето на обврските преземени на средбите во Белград овие два дена.