Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пороците и лошите навики се вгнездуваат од најрано детство

Додека во светот се засилува борбата против пушењето цигари, во Македонија ситуацијата е обратна, ученици пушат во кругот на училиштата, малолетници купуваат цигари, а Владата наместо да го дестимулира пушењето, го ублажи претходниот закон против пушењето и сега се пуши речиси во сите кафулиња и ресторани.
Според последното истражување на Институтот за јавно здравје за периодот 2015-2016 година, 38,4 отсто од учениците се изјасниле дека пушеле цигари во животот, а најмногубројна меѓу нив е групата ученици што пушеле една до две цигари во животот (14,7 отсто). Повеќе од 40 цигари пушеле 10,7 отсто од учениците.
– Погледнете во училишните дворови што се случува на одморите. Дел од средношколците демек скришум пушат пред очите на нивните наставници, кои исто пушат во училишниот двор. Парадоксално е што оние што треба да им даваат пример на децата и самите практикуваат лоши навики и со тоа автоматски немаат авторитет да зборуваат за штетноста од пушењето пред учениците. Уште потрагично е што на овој порок се навлекуваат и деца во основните училишта – вели Бојан Николовски, социјален работник.
Тој додава дека токму во училиштата треба да се врши постојана кампања за штетноста од пушењето.

– Ако на едно дете уште од мало почне да му се нагласува за сите опасности што ги носи пушењето, има поголеми шанси тоа да не го прифати овој порок. Секако има исклучоци, но глобално би можело да се постигне поголем ефект ако таа кампања се води во континуитет. Освен тоа, потребна е и поголема контрола на трговците и казни за оние што им продаваат цигари на малолетниците – нагласува Николовски.
Од своја страна, трговците тврдат дека го почитуваат законот и не им продаваат цигари на малолетници, но понекогаш и не можат да ја проценат возраста на децата.

– Доаѓаат секој ден и бараат цигари. Веднаш се гледа дека се малолетни, но има и такви кај кои тешко може да се одреди возраста. Јас не сум полицаец да им барам лична карта, па можно е понекогаш цигари да му продадам и некому што е малолетен, а личи како да има 20 години. Други, пак, доаѓаат и велат дека ги пратил татко им, мајка им и слично, наоѓаат секакви изговори – вели еден трговец во киоск лоциран во близината на едно скопско средно училиште.
Здравствените власти и лекарите посочуваат на штетноста од пушењето по здравјето на децата, но и на возрасните.

– Во цигарата се наоѓаат 4.000 отрови, кои доброволно ги внесуваме во своето тело и за тоа плаќаме од сопствен џеб. Најпознат е никотинот, комбинација што предизвикува зависност. Пушењето може да доведе до рак на белите дробови, на грлото и усната шуплина, а влијае и врз крвните садови и ја зголемува можноста за појава на кардиоваскуларни заболувања – предупредуваат докторите.
Последните достапни податоци за бројот на испушени цигари по лице на годишно ниво датираат од 2016 година и, според нив, земјава се нашла на петто место во светот од вкупно 182 земји, со 2.784 испушени цигари по човек годишно, додека на мапата на „Тутунскиот атлас“ Македонија е повторно меѓу првите пет земји во светот според истите параметри.

Овие бројки се доволен показател дека е потребна континуирана борба во спречувањето на оваа негативна појава, која треба да започне уште од најниските образовни институции.
Токму поради проблеми со пушењето цигари од страна на младите во САД, на пример, тамошните власти неодамна ја кренаа возрасната граница за купување цигари од 18 на 21 година, сакајќи да ја заштитат најмладата популација од штетните последици од пушењето.