Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски денеска на работен состанок со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, беше брифиран за актуелната состојба во одбраната и во Армијата, по полноправното членство на државата во НАТО.

Претседателот Пендаровски на состанокот истакна дека со членството во НАТО, одговорноста на Армијата е на многу повисоко ниво и поради тоа мора да продолжи инвестирањето во одбраната. Во тој контекст ја реафирмираше неговата заложба за што поскоро исполнување на зацртаната цел – најмалку 2 отсто од БДП да се инвестираат во модернизацијата и развојот на Армијата.

На состанокот беа претставени тековните активности, опременоста, степенот на реализација на трансформацијата и модернизацијата во Армијата, согласно целите и способностите усогласени со Алијансата.

Претседателот Пендаровски беше информиран за тековното учество на Армијата во операции предводени од НАТО, Обединетите нации и Европската Унија, како и планираните учества во текот на следната година.

Пред претседателот Пендаровски беа презентирани достигнувањата во однос на новата структура на силите, целите и развојот на воените способности на Армијата и согледувања за натамошна трансформација, согласно потребите што произлегуваат од членството во НАТО.