Претседателот Стево Пендаровски, денеска го прими полковник Зоран Јанковиќ, шеф на Канцеларијата за врски со НАТО во Скопје. На средбата беа разменети мислења за актуелните состојби во земјава, како и за соработката на државата со НАТО, а во контекст на аспирациите за членство во Алијансата.

Пендаровски истакна дека со полноправното членство на Македонија во НАТО ќе биде заокружена една од главните стратешки определби на државата, што ќе придонесе за нејзиниот севкупен развој, и позитивно ќе се одрази за стабилноста и просперитетот на регионот. Тој изрази очекување за скорешно завршување на ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од страна на земјите-членки, со што Република Македонија ќе стане 30-та членка на најуспешната воено-политичка Алијанса.

Во август годинава, за време на централната свеченост по повод одбележувањето на Денот на Армијата, Пендаровски ја одликуваше Канцеларијата за врски со НАТО во Скопје со Орден за воени заслуги за континуирана поддршка и помош на земјава во процесот на пристапување и исполнување на критериумите и стандардите за остварување на полноправното членство во НАТО.