Министерот за надворешни работи, Бујар Османи заедно со министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, официјално го отворија Почесниот конзулат на Унгарија во Штип.

Во своето обраќање, министерот Османи нагласи дека со отворањето на овој почесен конзулат, кој како подрачје на покривање го има целиот Источен регион на земјава ќе се овозможи голем економски потенцијал и за унгарските инвеститори, но и потенцијал за домашните извозно ориентирани бизниси да ги искористат можностите на големиот унгарски пазар. Во оваа прилика упати честитки и за новоименуваниот Почесен конзул, Данела Арсовска, за која како актуелен и долгогодишен предводник на Сојузот на Стопански комори, оваа функција ќе и биде уште предизвик преку кој ќе создаде услови за фелата од каде доаѓа, за бизнисите во земјава, за искористување на исклучително блиските односи кои ги негуваме со нашите пријатели од Унгарија.

– Уверен сум дека ние како политичари, нешто за кое со колегата Сијарто секогаш сме согласни, е дека мора да обезбедиме повеќе простор за развој на бизнисот, за прилив на нови странски инвестиции, за повеќе пазари за постојните бизниси, повеќе работни места, поголеми примања и сѐ она што преставува зголемување на економската активност и пред сѐ унапредување на економскиот стандард во најширока смисла на зборот – истакна Османи.

На билатералната средба меѓу Османи и Сијарто, која следеше по официјалното отворање на Почесниот конзулат, двајцата министри го поздравија интензивниот политички дијалог и меѓусебна соработка, како и одличните билатерални односи и подготвеноста, покрај на политичката димензија, на нашите односи да биде додадена вредност и со многу други форми и активности на соработка, за што двете страни вложуваат напори.

Министерот Османи, како што информираат од неговиот кабинет, се заблагодарил за досегашната помош која Унгарија ја обезбеди за Македонија во нејзиното справување со пандемијата, а разменети биле мислења и за најновите мерки за отклонување на економските последици од оваа сложена здравствена криза.

Соговорниците ја искористиле приликата да разговараат за најновите состојби во процесот на европската интеграција на Македонија, биле разменети и други прашања од интерес за нашиот регион, регионалната соработка и безбедноста на нашите граници, како и ангажманите во Регионот на планот на придвижувањето кон Европската унија.