Листата со предложени затворени за помилување е поништена, соопшти Министерството за правда.

Како што наведуваат од министерството, одлуката оваа година да не проследат предлог за новогодишни групни помилувања е донесена по консултација со Управата за извршување на санкциите.

– Ова се прави со цел да се даде време најнапред да се допрецизираат критериумите и законски да се зајакнат филтрите во однос на тоа како се составуваат листите со предлози на лица кои треба да бидат помилувани – велат од министерството.

Оттаму наведуваат дека во Министерството за правда постои работна група која работи на составување на нов предлог-закон за помилување, со кој ќе се зацврснат критериумите и ќе се дефинираат нови построги услови за тој кој може да биде помилуван.

– Со тоа сметаме дека ќе минимизираат шансите на овие листи во иднина да се најдат лица кои во јавноста предизвикуваат сомнеж за нормалното функционирање на правниот систем – додаваат од Министерството за правда.