Дневник по 40 години (3)

Со Драмата на Македонскиот народен театар во Пиринска Македонија

Пред 40 години, во октомври 1982-та, ансамблот на Драмата на Македонскиот народен театар од Скопје оствари долга и успешна турнеја низ сите поголеми места во Пиринска Македонија. Од претходното гостување во овој крај беа поминале шеснаесет години. На репертоарот на МНТ овој пат беа култната „Зајдисонце“ од Исак Бабељ и незаборавниот „Кенгурски скок“ од Живко Чинго, обете во режија на Бранко Ставрев. Турнејата ја следеше и новинарот и писател Ристо Лазаров, чии дневнички записи тогаш ги објави списанието „Современост“. Го преобјавуваме овој дневник по цели 40 години, верувајќи дека ќе им го привлече вниманието на читателите

Пишува: Ристо Лазаров

Недела, 17 октомври 1982 г.

Неделен излет до Рилскиот манастир. По пат од магнетофонска лента октетот „Македонија“ ни пее „Стар бел дедо овци пасе“. На мостот на реката Бистрица, Жоро Божиков возбудено извикува: „До тука е!“ Не сака многу географски мудрувања. Го премостуваме македонскиот географски етникум. Плодовите се собрани од полето. Останале, само, среде нивјето – пароли. Наместо семе и ѓубриво, наместо којзнае што. Недобројни се и неизбежни средбите со паролите. Можеби не е безначајно да се пресмета, на пример: колку пароли доаѓаат по жител?

Раскошен е манастирот. Пејзажите околу него исто така: се збрале во истата гора сите годишни времиња. Навалуваме во дворот, на манастирската чешма и металната црпка. Да си ја разлади човек душата. Во манастирот. В недела наутро. А манастирот молчи. Какви ли тајни чува во своите одаи, во ѕидовите свои? И вековите како да молчат со манастирот. Достоинство или пркос? Сеедно. Молчењето понекогаш мириса и на пораз. А вековите скаменети во него? Туристичкиот водич, налик на механизиран папагал, ја нарушува тишината. Јазикот му врти како пластично воденичарско тркало. Данок на професијата. Во изложбениот салон, во Одделот за деветнаесеттиот век, карта на голема Бугарија, сосе Скопје и Ниш. Дотаму стасале, ни објаснува механизираниот говорник, рилските културни емисари. Шетани луѓе, нема што.

На враќање пак октетот „Македонија“. И неколку шишиња пиво кружат во автобусот, од место до место. Жоро Божиков седи до мене. Молчи. Како манастирот и планината. Наеднаш грмнува, како гром од планината: „Кенгурскиот скок е овде, во автобусот“. Изненадени, првин сите се смеат. Потем молчат. За кенгурскиот скок молчат.

Попладнето средба со една мајка. Од болка и од грч создадени. Син ѝ живее во Скопје, не го видела, кутрата, цели десет години. Како е, пораснат ли е, како му врви школото, стасан е за женидба. Што би дала мајката да си го види синот. Би се престорила во птица, да ја прелета бодликавата жица на оградата… Надежта ја крепи, големата мајчина надеж. Има мајката уште еден син. Тој е некаде „трудовак“. И него го чека повеќе од две години. Да се живее и да се чека. Да се чека и да се живее. Да се совладува самотијата во запустеното семејно гнездо. Сто и една година самотија. Достатно висок за паметник на мајката и нејзината надеж, нашинска.

Во театарот официјален разговор за унапредување на културната соработка. Мајката ми е пред очи. Како да е тука, во салата каде што се градат нови културни мостови. Ќе се најде ли чаре за нејзината болка? Разговорите се одвиваат успешно. Доминира сознанието дека ваквите гостувања (благоевградскиот театар гостуваше во СРМ во април годинава) треба да се организираат многу почесто. Шеснаесет години се многу.

Достатно да се заборавиме, па одново да се запознаваме. Треба да се востанови и редовна размена на претстави, режисери, сценографи, костимографи. Да се продлабочи културниот дијалог на сите рамништа. А театар без дијалог не бидува. Разговорите течат, како што тоа се вели на дипломатски јазик, на обострано задоволство. На крајот од турнејата, како што е договорено, треба да се потпише и посебен договор за унапредување на соработката меѓу двата театри.

Театарскиот салон повторно е исполнет до последното место. „Зајдисонце“ од Исак Бабељ во режија на Бранко Ставрев. Ристо Шишков како Мендељ Крик. И тука, како и во „Кенгурскиот скок“ ѝ гледа на смртта во очи. Како ли го поднесува тоа Шишков? Игра во голема форма. И другите артисти исто така. Чедо Христов, Душко Костовски, Киро Ќортошев, Кирил Андоновски… Во поставата има и неколку нови актери што не играа на скопската премиера пред десет години. Си спомнуваме на Стојка Цекова. И креваме за неа чаша на вечерата, лесна ѝ земја.

Во театарското фоаје средба со еден од артистите на Македонскиот народен театар во Горна Џумаја, четириесет и седмата. Тројца од нив сѐ уште се на сцената. Соговорникот е полн со искрена почит и благодарност за Илија Милчин и Крум Стојанов. Од нив ја научил азбуката на актерската игра. Во „Печалбари“ го играл Фидан, а во „Ужалена фамилија“ – Срето. Бескрајно благодарен им праќа поздрав на учителите.

Необична глетка во ресторанот на „Ален Мак“. Една голема група жени танцуваат сами. Нашите се вмешуваат со нив. До фајронт. Отпосле, во ходникот разбираме дека се од цигарната фабрика во Пловдив. Добри трудбенички, на екскурзија. Некои од нив како да сакаат да ни кажат нешто. Ја потпевнуваат „Македонско девојче“, „Ако умрам ил загинам“ и мелодии од репертоарот на Драган Мијалковски. Навистина сакаат да ни кажат нешто. Не ќе да е дека само така ни се чини. Утредента, пред заминувањето на нашите автобуси, испраќаат и поздрав преку граница.

(Продолжува)