Повод: Најновиот есенски eкономски извештај на Светската банка

Предупредувањата од оваа светска финансиска институција во последниот извештај одат дотаму што се предупредува на можноста нашата земја да влезе во зоната на стагфлација, односно на забавен или низок економски раст проследен со високи стапки на инфлација.
Среднорочниот раст се очекува да биде умерен, но ризиците значително се наклонети кон надолна линија. Што велат економските експерти за ваквите предвидувања?

Македонија ќе има најнизок економски раст од сите земји во опкружувањето, без оглед што сите земји се соочуваат со истите предизвици, како што се војната во Украина и високите цени на енергентите на светските пазари.

Светската банка во најновиот есенски eкономски извештај за Европа и за Централна Азија предвидува дека македонската економија годинава ќе забележи раст од 2,1 отсто, додека во наредната 2023 година, растот на домашниот бруто-производ ќе изнесува 2,7 отсто, а во 2024 година 2,9 отсто.

Што значи предвидувањето за влегување во зоната на стагфлација

Од друга страна, предвидувањата за Албанија за оваа година се раст од 3,2 отсто, 2,3 отсто за следната година, до 2,5 отсто во 2024 година. За БиХ прогнозите се дека земјата годинава ќе има раст од 4,0 отсто, следната година од 2,8 отсто, а во 2004 година предвидените проекции на економскиот раст изнесуваат 3,2 отсто. Пред Македонија се и Србија, Косово, Црна Гора, Хрватска, Грција, Романија…

Предупредувањата од оваа светска финансиска институција во последниот извештај одат дотаму што не се отфрла можноста нашата земја да влезе во зоната на стагфлација, односно на забавен или низок економски раст проследен со високи стапки на инфлација.

Среднорочниот раст се очекува да биде умерен, но ризиците значително се наклонети кон надолна линија.
– Прогнозата за раст за 2022 година е дополнително намалена поради енергетската и украинската криза, која продолжува да зема данок врз домашната економија – се наведува во делот на извештајот посветен на Македонија.

Основното сценарио на прогнозата за Македонија е изградено врз претпоставката дека влијанието на енергетската криза и војната во Украина врз домашната економија постепено ќе се смират, односно дека инфлациските притисоци ќе се намалат.
Но основните претпоставки се значително насочени кон надолна страна, поткопувајќи го растот.
– Со реални ризици од стагфлација, земјата ќе треба да започне со исполнување на реформските ветувања, кои можат повторно да го зајакнат потенцијалниот момент на раст на среден рок – се наведува во извештајот на Светската банка.

Прогнозите на Светската банка за нашиот економски раст дури се и високи?!

Познавачите на состојбите лоцираат многу причини за лошите прогнози за економскиот раст на Македонија во следниот период, со забелешка дека прогнозите на Светската банка за нашиот економски раст дури се и високи.
– Има редица комплексни причини што влијаат врз лошите прогнози за нашиот економски раст. Прво сме енергетски зависни, а немаме потпишано ниту еден сериозен договор и поднесено барање за обезбедување енергенти до крајот на годината. Второ, со оваа цена на електричната енергија немате стопанство што ќе може да издржи да работи ако е производствено и ако производството му се базира на струја. Ние други извори на енергенти немаме. Трет проблем е што имаме сериозен недостиг од квалификувана работна сила насекаде, а ние, во согласност со повеќето истражувања, во овој дел сме на многу ниско рамниште бидејќи образованието ни е некомпатибилно со потребите на пазарот на трудот – вели економскиот аналитичар Горан Рафајловски.

Според него, лошите прогнози на Светската банка се одраз и на други состојби, кои кај нас се влечат со години.
– Немаме ниту план за развој, ниту пак план за криза, односно да имаме решенија што би се случило кога би дошло до криза. Немаме консензус помеѓу политичките чинители околу тоа што треба да се прави ако дојдеме во криза. Едноставно имаме многу горливи точки поради кои Светската банка предвидува дека ќе имаме најмал економски раст – потенцира Рафајловски.

Тој уште додава дека податоците од пописот покажале и поразителни резултати, односно дека човечкиот потенцијал е на загрижувачки ниско ниво.
– Пописот покажа дека човечкиот потенцијал е на страшно ниско ниво. Кога се прават одредени параметри се земаат повеќе фактори во игра. Инфраструктурата ни е на нулто рамниште. Патиштата што се почнати да се прават се застанати и не се завршени, а тоа трае со години. Возната инфраструктура е катастрофална, карго-сообраќај скоро неразвиен. Генерално гледано, дури и овие бројки што ги кажува Светската банка за нашиот економски раст се повисоки за да не се исплаши популацијата – нагласува Рафајловски.

Неговото мислење е дека земјава да има сериозна инфлација без никаков економски раст, донекаде ублажувајќи ги оцените на СБ дека е можна стагфлација.
– Стагфлација не значи само мал економски раст со инфлација, туку стагфлација значи и комплетно распаѓање на економското ткиво на една земја и многу подобар и поточен термин е банкрот отколку стагфлација – заклучува Рафајловски.


Ковачевски со коментар по извештајот на Светската банка за стагфлација во Македонија

Премиерот Димитар Ковачевски во гостување во информативниот магазин „Клик плус“ на ТВ21 изјави дека стагфлацијата не е непознатa во економијата и ja има и во другите држави.

Стагфлација е состојба на економијата што се карактеризира со општ скок на цените и инфлација со пад на производството.
– Тоа е дел од извештајот на Светската банка што се однесува на Северна Македонија, меѓутоа доколку ги видите извештаите и за другите држави, тогаш ќе видите дека тој феномен важи и за другите држави, вклучувајќи ги најмногу европските држави.

Феноменот на стагфлација не е непознат во економијата, тој се има случувано, тоа се негативни стапки на економски раст, намалување на вработеноста и зголемување на инфлацијата – рече Ковачевски.

Премиерот Ковачевски рече дека привршуваат преговорите со ММФ и се очекуваат позитивни одговори. Ковачевски додаде дека има зголемување на цените на основните продукти и на енергентите, поради што Владата ги замрзнала маржите на истите тие.


Рафајловски: Техничко-експертска влада ако сакаме да ја имаме Македонија

Економскиот аналитичар Горан Рафајловски смета дека сега е последниот момент да се преземат конкретни чекори за да се спаси македонската економија, како и самата држава.
– Долги години јас зборувам дека на Македонија ѝ е потребна техничка влада, но не партиско-техничка, туку техничка влада составена од сериозни луѓе што ќе се зафатат со работа и во рок од три до четири години ќе ги постават стандардите што понатаму ниту една политичка партија барем во наредните десет години нема да може да ги урне. Ако тргнеме од тезата дека сега е последниот момент ако сакаме да ја имаме Македонија, тоа е реална теза. Во спротивно, ќе останеме со 1,2 милион жители. Сега реално имаме 1,6 милиони жители, лажеме дека имаме 1,8 милиони. Ќе останат само деца, пензионери и сè што е работоспособно нема да постои. И како ќе правите фирма без работоспособни луѓе? Не постои машина што може да заработи пари без човечки фактор. Луѓето ги прават профитот и парите – потенцира Рафајловски.