Фото Васка М. Младеновска

Во рамките на новоизградениот рекреативен комплекс, вистински рај за очите претставува коритото на реката Коњарка, кое е соѕидано од камен, а во рамките на паркот поставени се видиковци, дрвени клупи, маси, лулашки, места за скара, канти за отпадоци, играчки за деца…

Деновиве голем број посетители, не само од селото Скочивир и од околните села во општината Новаци туку и од Битола, кои присуствуваа на културниот настан, беа воодушевени од изградениот рекреативен парк на реката Коњарка, кај селото Скочивир, Мариовско. Овој парк, изграден со пари на Европската Унија, во рамките на прекуграничниот проект со соседна Грција, наречен „Жива историја – жива природа 2“, не само што ќе го заживее селото, туку сигурно во голема мера ќе придонесе да заживеат руралниот и алтернативниот туризам во Мариовско. Тоа е стратегиска определба на локалната самоуправа на Новаци откако по многубројните манифестации што се организираат во рамките на одбележувањето на 100-те години од завршувањето на Првата светска војна, Мариово и, особено, Кајмакчалан станаа магнет за туристите не само од Македонија и од регионот туку и од земјите од Европската Унија, особено од Франција.
Посебно голем интерес за развојот на алтернативниот туризам во Мариовско, во последно време покажува државата Франција, која за кратко време организира и поддржа голем број манифестации на општината Новаци. Имено, Франција нема директно учество во споменатиот проект, но со разни свои активности придонесува за развојот на меморијалниот и на алтернативен туризам во овој дел на државата, каде што се водеа најжестоките борби на т.н. Македонски фронт, во кој загинаа илјадници Французи.
Општината Новаци и Европската асоцијација за локална демократија (АЛДА), во рамките на програмата „Европска година за заштита на културното наследство“, воспоставија мошне добра соработка, а Новаци има и проекти со неколку француски општини, посебно од регионот Долна Нормандија.
– Добро е кога се гледаат европските фондови и пари на места каде што има конкретна и успешна реализација. Франција останува тука присутна посебно во соработката со регионот на Нормандија зашто имаме интерес да го развиваме меморијалниот културен туризам. Повикуваме да го задржиме ова паркче уредено на ваков начин и да ги заштитиме културното и природното наследство – истакна на културниот настан, кој се одржа по повод пуштањето во употреба на рекреативниот парк, почесната конзулка на Франција во Битола, Калиопа Кривашија Стилиновиќ.

Во рамките на рекреативниот комплекс вистински рај за очите претставува изграденото корито на реката Коњарка, кое е соѕидано од камен, а во рамките на паркот поставени се видиковци, дрвени клупи, маси, лулашки, места за скара, канти за отпадоци, играчки за деца…
Тоа што особено му дава шмек на рекреативниот камп е хортикултурно уредениот простор не само во кампот, туку и во околината.
– Овој комплекс се наоѓа во чиста животна средина и секој викенд е посетен од најмалку 200 до 300 луѓе. За нас како општината тој ќе значи многу за развојот на туризмот во Новаци. Благодарение на првиот проект „Жива историја – жива природа“, кој пред неколку години успешно се реализира со градот Аридеа од соседна Грција, реализирани се голем број проекти, како што се изградбата на мостот кај селото Зовиќ, реновирањето на куќата на Калеш Анѓа и реставрирањето на црквата „Св. Димитрија“ во селото Градешница – изјави по отворањето на паркот градоначалникот на Новаци, Љубе Кузманоски, кој најави и реализација на други проекти, кои ќе бидат главно насочени кон развојот на алтернативниот и на руралниот туризам во Мариовско.
Промоцијата на рекреативниот парк беше проследена со културен настан, каде што во чиста природа можеа да се вкусат и домашно подготвени кулинарски производи.
– Ова место е рај за руралниот туризам. Место што некои од нас првпат го видоа, а е на само 30-40 километри од Битола. Сфативме дека Македонија колку и да е мала ни требаат уште три животи за да ја истражиме – велат од Здружението на жени од Битола, кои со своите приготвени специјалитети се обидоа да дадат придонес не само за отворањето на паркот, туку и за развојот на меморијалниот и алтернативен туризам во Мариовско.
Инаку, за изградбата на рекреативниот парк кај реката Коњарка, Скочивир, се потрошени вкупно 80.000 евра, средства обезбедени од втората програма на проектот „Жива историја – жива природа“, кој општината Новаци веќе неколку години успешно го реализира заедно со општината Аридеа од соседна Грција.