Фото: Игор Бансколиев

Неуките штедачи, а најголем дел од нив биле пензионери, не можеле да ја забележат измамата, затоа што за нив било доволно тоа што на штедните книшки што се издадени од Поштенска банка имало сериски број и официјален печат, што им давало сигурност дека нивните пари се наоѓаат на сигурно место

По обелоденувањето на индициите за злоупотреби со штедните книшки во поштата во Злетово, кои ги откри нашата новинарска истражувачка екипа на виделина, излегуваат нови информации за обемот на финансиското цунами што го зафати ова мало место во источниот дел на Македонија.

Во поштата во Пробиштип доаѓаа нови штедачи што бараа да ја проверат состојбата на своите штедни влогови. Вчера жителите на овој рударски град пренесуваа детали од текстот на „Нова Македонија“, која го прекина информативниот молк и прва објави за сомневањата за финансиските малверзации во злетовската пошта, која не била спречена навреме поради очигледното отсуство на внатрешната контрола. Останува нејасно како никој јавно не проговори за овој скандал, иако за тоа се зборуваше веќе неколку дена во овој дел од Македонија. Зошто никој од локалните медиуми или од партиските штабови, кои се толку активни за време на избори за анимирање за гласање, не помогна со својата гласност да им помогне на штедачите, кои сега бесцелно лутаат од една до друга врата, обидувајќи се да добијат некаква информација дека парите ќе им бидат вратени.

Измамата со поштенските денарски книшки на граѓаните, во која главен актер е вработен во поштата во Злетово, каде што е непрекинато речиси четири децении, прв ја обелодени токму нашиот весник во вчерашното издание.
Во меѓувреме, меѓу луѓето се прераскажуваат изјавите на оштетените штедачи, од кои може да се констатира дека целна група на злетовскиот „банкар“ биле пензионерите со високи пензии.
Тоа биле главно негови блиски пријатели и роднини, кои имале голема доверба во неговата работа, а злетовци зборуваат дека негови жртви биле и членови на негови најблиски пријатели со кои се дружел. По сѐ изгледа тоа му давало можност да „префрла“ средства од некоја сметка, секогаш, кога некој од штедачите ќе побарал дел од својата заштеда. Така, незаконското работење во поштата во Злетово го години успешно се прикривало. На овој начин на работа упатува и однесувањето на поштенскиот службеник, откако неочекувано и непланирано синот на еден пензионер се обидел да извади пари од штипската пошта. Така, почнала да се распаѓа пирамидалната штедилница што упорно ја градел. Плашејќи се дека ќе биде целосно разоткриен, тој почнал да ги посетува постарите штедачи во нивните домови. Иако бил суспендиран од работното место, тој на своите соселани им велел дека ќе замине на одмор неколку дена. Притоа ги советувал да не одат кај неговата колешка да вадат пари додека се одмора. Со тоа добил неколку дена, но притисокот од јавноста си го направил своето, што го принудило да си го одземе животот.

Тој во поштата во Злетово работел со децении и никогаш не бил префрлен во друга пошта, што би придонело за порано откривање на неговите финансиски малверзации. За ова време, непречено од никого, развил свој систем на евиденција на влоговите, со што ги надмудрил штедачите. По отворањето на штедната книшка, секој нареден влог го пишувал на друга страница, а за нив пресметувал односно „одобрувал“ и камата. Сумите за камата ги пишувал за секоја година посебно и тоа го додавал на поединечниот влог. Тој исплаќал и пари, кога некој ќе побарал да ги извади, но најверојатно тоа го правел со повлекување пари од некоја друга сметка. Неуките штедачи, а најголем дел од нив биле пензионери, не можеле да ја забележат измамата, затоа што за нив било доволно тоа што на штедните книшки, кои се издадени од Поштенска банка, имало сериски број и официјален печат, што им давало сигурност дека нивните пари се наоѓаат на сигурно место. Печат од поштата во Злетово е ставан на секој поединечен штеден влог, а истото тоа е правено и со впишувањето на каматата, чија сума е одредувана одоко. Така, измамата се прикривала со години, без да биде откриена. Од изјава на очевидци при нашата посета на терен дознаваме дека при проверка на состојбата на штедната книшка, една жена вработена во локална текстилна фабрика, кога дознала дека нема ништо на неа, паднала во несвест.

Тоа што останува најголема мистерија е каде се потрошени нелегално извлечените штедни влогови. Поштенскиот службеник водел скромен живот и не привлекувал внимание со своето однесување. Неговата слика за добар „домаќин“ ја дополнувал и со тоа што бил редовен посетител на верски манифестации што се одржувале од локалната црква. Минатата година ја имал и „честа“ да биде кум на селската слава на Злетово.

Екипа на „Нова Македонија“