Премиерот Зоран Заев кажа дека уште утре ќе се почне со измена на Изборниот законик во кој ќе се внесе гласање со отисок од прст, како дел од договорот со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Заев кажа дека од утре работни групи во законодавниот дом ќе разговараат и за отворени листи, како и локални избори во еден изборен круг. По средбата, премиерот кажа дека со Мицкоски договориле и одблокирање на Собранието.

– Одложување на пописот од 5 септември до 25 септември, а изборите од прва во втора половина на октомври. Важно е што дијаспората ќе продолжи да се попишува и ги повикувам нашите граѓани во странство, да се попишат. Ова е важна статистичка операција. Логично е дека внимаваме да не се поклопи кампањата со пописот, така што таа ќе се одложи. Делот кој што го договоривме за одблокирање на Собранието е важен, односно законите како што се за легализација на бесправни градби, петтиот пакет мерки, законите за Клинички центар, АВМУ/МРТВ закони кои се заглавени повеќе од година и пол, Законот за државјанствата, законите за пензионирање, законите за екологијата, законите од европската агенда. Верувам дека во периодот кој престои ќе има покомфорна атмосфера и законодавниот дом ќе биде одблокиран. Прифативме уште утре да влезе во Изборниот законик гласањето со отисок од прст. Со самиот Изборен законик земавме обврска да започнат да работат групи и да се разговара за отворени листи, како и за барањето на избори во еден изборен круг. Но, и да се разговара за една изборна единица за парламентарни избори – рече Заев.

И Мицкоски по средбата, кажа дека за овие прашања, е постигната согласност со Заев.

– Се согласивме и веќе утре во рамките на Парламентот ќе биде измената на изборниот законик која се однесува на терминалите за вчитување на отисок на прст. Очекуваме успешно да биде изгласана во Собранието. Се согласивме да ги охрабриме групите кои преговараат за Изборниот законик, а тоа се предлозите за измена во една изборна единица, отворени листи за советници на следните избори, избор на градоначалник во прв круг, последно се разбира тука се гласање на дијаспората на следните парламентарни избори надвор од дипломатско-конзуларните претставништва, и последно, имплементација на препораките од ОБСЕ – рече Мицкоски.