Во Скопје денеска ќе почнат Деновите на финансиска писменост на кои посетителите ќе може да се информираат за сите финансиски теми. 

На овој тридневен мултимедијален настан ќе присуствуваат претставници од финансиските институции како што се банките, штедилниците, друштвата за осигурување, друштвата за управување со инвестициски фондови, друштвата за управување со пензиски фондови и микрофинансиските институции.

Посетителите ќе можат да се информираат за сите финансиски параметри во врска со теми кои ги засегаат, а планирани се и презентации и забава за најмладите кои ќе бидат вклучени во проекти со што уште од најрана возраст ќе се влијае на нивната финансиска писменост.

Организаторите најавуваат дека на отворањето ќе се обратат министерот за финансии Драган Тевдовски, гувернерот на Народната банка Димитар Богов, претседателот на Советот на експерти од Агенција за супервизија на осигурување Климе Попоски и претседателот на Советот на експерти на Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување Булент Дервиши.