Граѓаните од утре електронски ќе може да поднесуваат поплаки поврзани со услугите кои ги дава јавната администрација.
„Веќе од утре граѓаните непречено ќе можат да го користат и преку интернет да ги поднесуваат своите пријави коишто се поврзани со услугите кои ги дава администрацијата или со корупција. Овој систем е од огромно значење, затоа што со него ќе се овозможи ефикасно и ефективно водење на постапките за добивање на услугите, но и навремено постапување на институциите по барањата на граѓаните. Овој систем е уште една алатка што ќе ни помогне во бескомпромисната борба против корупцијата“, изјави вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.

Електронскиот систем е имплементиран како посебен модул во рамки на Националниот портал за електронски услуги. Преку него граѓаните и правните лица ќе можат да испратат пријава за која било услуга до институција, како најавени корисници или анонимно со можност за евидентирање на поплаката или пријавата.

Истото ќе можат да го сторат и преку телефон, за што ќе се воспостави повикувачки центар и ќе се отвори наменска телефонска линија. Телефонскиот број на којшто ќе може да се пријавува 02/3150-050 и истиот ќе биде јавно достапен.

Пријави и поплаки ќе може да се поднесуваат до сите институции кои што се наоѓаат во рамките на регистарот на институции во административната алатка, тоа се сите институции кои се во рамки на државната управа со исклучок на општините и правосудните органи. Системот опфаќа услуги кои ги нудат 83 институции, а поплаките се поднесуваат за тековно отворени барања за услуги пред институциите.

За да може да се мониторира, системот ќе генерира месечни извештаи за вкупен број на примени пријави/претставки и предлози, вкупен број на примени пријави/претставки и предлози по институција и област, вкупен број на пријави/претставки и предлози за кои е задоцнето постапувањето, како и колку од нив се прифатени, одбиени или препратени. Овие извештаи ќе бидат основа за соодветни анализи за предлагање на соодветни мерки и активности во конкретните области.

Електронскиот систем за онлајн поднесување и следење пријави е подготвен со финансиска поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.