Агенцијата за администрација наскоро ќе воведе специјална комисија за ревизија на која било постапка за вработување за која постои сомневање, најави вчера министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
– Во комисијата ќе имаат право да учествуваат претставници на опозицијата и на владејачките партии, како и надворешни луѓе што ќе бидат дополнителен механизам за контрола на ваквите ситуации – рече Манчевски во одговор на новинарско прашање на вчерашната прес-конференција во Владата.
Тој посочи дека нема точна бројка колку од случаите што од јавноста беа оценети како непотизам при вработувањето се повлекле од своите работни места и додаде дека се очекуваат и резултатите од постапката што ја спроведува Државната комисија за спречување корупција.
– Процесот е во тек и секој ден ќе се зголемува бројот на лицата што се повлекуваат – објасни Манчевски.
Прашан до каде е процесот на прераспределување на вработените по рамковниот договор што седат дома и земаат плата, Манчевски рече дека постапките за прераспределба се ставени во мирување од осми февруари, кога беа распишани претседателските избори.
П.Р.