Граѓаните изминативе два месеца се соочени со недостиг од одредени лекови, меѓу кои и оние за зголемен крвен притисок и срцеви заболувања. И покрај укинувањето на квотите на лековите пропишани на рецепт и заложбата на Министерството за здравство граѓаните да имаат достапни лекови во кој било период од месецот, некои од граѓаните сепак реагираат дека ситуацијата не е многу подобрена и тие и натаму често одат од аптека во аптека, барајќи го лекот за кој добиле рецепт од матичниот лекар. Според тврдења на граѓаните, конкретно лековите за покачен крвен притисок се појавуваат на почетокот на месецот некаде низ аптеките во земјава и потоа бргу ги снемува. Ваквата состојба се провлекува повеќе од неколку недели. За граѓаните останува нејасно зошто ги нема неопходните лекови, но и зошто претставниците на аптеките одбегнуваат разговор за проблемот што реално постои.

– Во принцип, досега ги наоѓам поголемиот дел лекови што ми се потребни за месечната тековна терапија пропишана од мојот лекар, единствено лекот за регулирање на крвниот притисок „лосертан“ го нема, другото горе-долу се наоѓа. Проблемот се провлекува еве веќе два месеца, но, и покрај тоа што нема турканици во аптеките откако се укинаа квотите на лековите и се воведе електронскиот систем, сепак не можам да го најдам лекот ниту во Скопје уште помалку низ аптеките во внатрешноста. Аптекарката ми вика: Ние се извинуваме, првите неколку дена ги има, потоа ги нема… Што е проблемот не сум запознаена, но решение морам да најдам, иако замените што најчесто ми ги посочуваат не ми одговараат на мојот организам – вели жителка на Скопје.

Фармацевти од повеќе аптеки со кои „Нова Македонија“ исконтактира во обид да најде одговор на прашањето зошто има недостиг од одредени лекови што се на товар на Фондот за здравство, меѓу кои и дел од лековите за зголемен крвен притисок и срцеви заболувања, но и ревматизам, велат дека иако со новите правила повеќе нема редици од луѓе на почетокот од месецот и редовно се снабдуваат со лекови од Фондот, проблемот го лоцираат во економската природа. Честиот недостиг од лекови, според упатените, е последица на проблеми со нерационално трошење на лековите во аптеките, односно големиот број пропишани рецепти на докторите, кои реално не можат да ги задоволат произведувачите. Од Фондот за здравствено осигурување за оваа проблематика ни појаснија дека доколку некој лек е дефицитарен а е на товар на Фондот, Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД) е надлежна институција за прометот на лекови.

– Фондот за здравствено осигурување е финансиска институција што купува здравствени услуги и за таа цел склучува договори со приватни здравствени установи аптеки за обезбедување на осигурените лица со лекови на рецепт од позитивната листа. Во согласност со договорите, ПЗУ-аптеките сами вршат требување лекови во согласност со потребите на осигурениците и самостојно носат одлуки кои лекови ги нарачуваат. Доколку некој лек е дефицитарен а е на товар на Фондот, МАЛМЕД е надлежна институција за прометот на лекови – објаснуваат од Фондот.