На терасата на Музејот на македонската борба за самостојност, Амбасадата на Руската Федерација денеска го одржа свеченото доделување на дипломи и награди на учесниците на детскиот ликовен конкурс „Русија преку очите на децата”. Конкурсот беше посветен на државен празник – Денот на Русија. Во натпреварот зедоа учество над 50 деца од цела земја. Церемонијата се одржа на отворено со почитување на
сите мерки против ширењето на коронавирусот. На присутните им се обрати амбасадорот Сергеј Баздникин.
Почитувани учесници на конкурсот, нивните родители и ментори. Многу ми е драго да се сретнам со поголем дел од лауреатите и учесниците на детскиот ликовен конкурс „Русија преку очите на децата“ по повод Денот на Русија, и – со доследно почитување на мерките на претпазливост заради пандемијата на коронавирусната инфекција – да ви ги доделам наградите и признанијата. Како што знаете, нашиот државен празник – Денот на Русија – го симболизира единството и заедничката одговорност на сите руски граѓани за сегашноста и иднината на нашата прекрасна Татковина.
Вообичаено, по тој повод се организираат бројни настани, пред сè државниот прием. Оваа година, од очигледни причини, приемот беше откажан, а сите настани се одржуваа онлајн. Важен дел од нив стана и ликовниот конкурс, кој и покрај тоа што се организира за првпат, предизвика голем интерес. Активниот одзив на оваа иницијатива од страна на десетици млади Македонци и нивни родители е убедлив доказ дека нашите две земји, нивната култура, историја, традиции и обичаи се блиски едни на други и разбирливи за нашите два братски народа. Кај нас го почитуваат македонскиот народ, со кој сме поврзани со повеќевековни историски врски. Ние и денес се залагаме за унапредување на сите видови меѓудржавна соработка во духот на пријателство, врз основа на рамноправност и заемна полза, почитување и водење сметка за меѓусебните интереси. Подготвени сме да ја развиваме таа соработка толку интензивно, колку за тоа ќе е подготвена македонската страна.
Русија денес не е само најголемата држава во светот, гарантор на стабилност и безбедност во меѓународните односи. Таа, исто така, е држава со мошне богата историја, духовно и културно наследство, со светско познати традиции, симболи, народни и уметнички ракотворби, со разнолика уметност. Русија е земја со развиена високотехнолошка индустрија, наука, медицина, со уникатна природа и животински свет. Среќен сум што многу од овие мотиви дојдоа до израз во вашите дела.
Се надеваме дека вашето активно учество во натпреварот на секого од вас ви овозможи да ги проширите своите знаења за нашата земја. Во исто време, очигледно е дека успеавте да ја покажете својата дарба и амбиција, да го реализирате својот творечки потенцијал.
Ни испративте 60 цртежи изработени во различни техники, но исполнети со јарки емотивни содржини. Мајсторлакот што го покажавте ни остави неизбришлив впечаток, поради што решивме не само да го зголемиме бројот на наградите, туку и да им дадеме признанија на секој учесник. Штом ќе дозволат околностите, секако ќе организираме и изложба на вашите дела – кои, патем речено, се претставени на фејсбук-профилот на Амбасадата. Ви благодариме за вашиот интерес. Се разбира, со задоволство очекуваме да ве видиме меѓу учесниците и победниците на нашите идни настани.
Срдечно им ги честитам постигнатите значајни резултати на сите лауреати и учесници, нивните родители и најблиски. Ви посакувам добро здравје, натамошни успеси во учењето и творештвото и сè најдобро, истакна амбасадорот Баздникин.